Порошенко: Путин е воен злосторник и ќе заврши во Хаг
- Поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко во изјава за порталот Н1 изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е воен злосторник и оти треба да заврши во Хаг
Киев, 10 март 2022 (МИА) - Поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко во изјава за порталот Н1 изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е воен злосторник и оти треба да заврши во Хаг.
- Мојата лична порака до Путин е: Внимателно проучете го случајот на (Слободан) Милошевиќ бидејќи ќе седите на истата обвинителна клупа, наведе Порошенко.
Тој додаде и дека Украина има еден одговор за Путин и за руската армија – да ја напуштат Украина.
Порошенко, кој е во Киев, истакна дека на помалку од 10 километри се наоѓа руската армија.
- Мислам дека Хрватите сè уште се сеќаваат како беше да се спие за време на војната и како да се преживее. Јас сум во центарот на Киев, на помалку од 10 километри од мене се руските војници. Вчера и завчера гаѓаа цивилни згради во Киев, а денеска евакуиравме цивили од Буча и Ирпин, Гастомил … Горд сум што само од тие места евакуиравме повеќе од 8.000 граѓани. Овие места се целосно уништени, повеќе не постојат. Тоа е политиката на Русија, да уништи сè што е пред неа, потенцира Порошенко. ми/