• среда, 13 ноември 2024

Порно ѕвездата Сторми Даниелс ќе соработува со обвинителите во истрагата против Трамп

Порно ѕвездата Сторми Даниелс ќе соработува со обвинителите во истрагата против Трамп

Њујорк, 15 март 2023 година (МИА) - Порно ѕвездата Сторми Даниелс денеска се сретна со обвинителите во врска со обидите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да ја принуди да молчи со плаќања извршени преку поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен.

Оваа вест ја соопшти нејзиниот адвокат - истиот ден кога Коен, во врска со истиот случај, сведочеше пред поротата во Њујорк. Неговото сослушување започна вчера.

Сума од 130.000 долари беше платена на Сторми Даниелс во 2016 година, за време на последните недели од првата претседателска кампања на Трамп. Во тоа време, таа преговараше за нејзиното појавување на телевизија за да ги објави своите тврдења за сексуалната врска што ја имала со Трамп една деценија порано.

Плаќањата оделе преку Коен, кој на сличен начин исплатил и друга жена - по инструкции на Трамп, тврди неговиот поранешен адвокат.

Сторми Даниелс се сретна со обвинителите од Менхетен, одговори на нивните прашања и е подготвена да сведочи, објави нејзиниот адвокат Кларк Брустер на Твитер.

Таа му се заблагодари, исто така преку Твитер, што и помогна „во нашата постојана борба за вистина и правда“.

Окружното обвинителство на Менхетен одби да ги коментира овие информации.

Коен по денешниот, веројатно последен ден од сведочењето, рече дека ќе продолжи да им дава на обвинителите „секакви информации и соработка што ќе им бидат потребни“.

Иако ги прекина односите со Трамп, Коен рече дека ова не го прави од одмазда.

Сторми Даниелс изјави дека во 2006 година имала сексуален однос со Трамп, кој не го сакала, но не се противела, а Трамп тврди дека тоа никогаш не се случило. Неговиот сегашен адвокат вели дека Трамп е повикан да сведочи пред големата порота во Њујорк, но не планира да го стори тоа.

Во 2018 година, федералните обвинители го обвинија Коен за прекршување на финансирањето на кампањата поврзани со плаќањата на Сторми Даниелс и моделот на списанието Плејбој, Карен Мекдугал.

 Карен Мекдугал добила 150.000 долари, а тврдела дека имала афера со Трамп во 2006 и 2007 година додека тој бил во брак. Трамп го негираше тоа.

Коен се изјасни за виновен, одлежа затворска казна и беше исфрлен од адвокатската комора. Федералните обвинители не поднесоа никакви обвиненија против Трамп. ссм/

фото:ЕПА

Остани поврзан