• понеделник, 23 декември 2024

Поранешниот пакистански премиер Имран Кан обвинет и за оддавање државни тајни

Поранешниот пакистански премиер Имран Кан обвинет и за оддавање државни тајни

Исламабад, 13 декември 2023 (МИА) - Поранешниот пакистански премиер, Имран Кан, денеска од судот е обвинет и за оддавање државни тајни, што е нов удар за притворениот лидер кој сака да се кандидира на изборите следната година. 

Обвинението се однесува на доверлива телеграма испратена до Исламабад од пакистанскиот амбасадор во Вашингтон минатата година. Кан е обвинет дека ја објавил содржината на телеграмата.

Поранешната пакистанска ѕвезда во крикетот се изјасни за невин и тврдеше дека содржината на дипломатската депеша претходно била објавена во медиумите од други извори. 

Казната за ова дело е до 14 години затвор или дури и смртна казна, истакнуваат пакистанските адвокати. 

Ова е вторпат Кан да биде обвинет за истото дело, откако Виш суд претходно го укина обвинението поради технички причини, бидејќи постапката, наводно, не била почитувана.

Кан тврди дека депешата е доказ за заговорот на пакистанската војска и американската Влада за неговото соборување од власта во 2022 година, откако тој ја посети Москва неколку дена пред руската инвазија на Украина. Вашингтон и војската ги отфрлаат ваквите тврдења.

Кан победи на последните општи избори во 2018 година и сега има неколку процеси кои се водат против него. Тој ги отфрла како обид за политички прогон. Тој веќе беше осуден за корупција и доби три години затвор. Меѓутоа, казната беше условна, иако тој се уште е во притвор по други обвиненија, вклучително и поттикнување насилство и ова за оддавање државни тајни. Овие обвиненија го спречуваат да се кандидира на изборите следната година, но неговиот адвокатски тим се обидува да го ослободи со кауција и да се укине забраната. сд/ 

фото:ЕПА

Остани поврзан