• петок, 05 декември 2025

Поранешниот министер за правда Кренар Лога се повлекува од партиските функции во АА

Поранешниот министер за правда Кренар Лога се повлекува од партиските функции во АА

Скопје, 14 ноември 2025 (МИА) - Поранешниот министер за правда и партиски функционер од редовите на Алијанса за Албанците, Кренар Лога, денеска соопшти дека по подолг период на анализа се повлекува од партискиот живот и од сите функции во партијата.

Лога одлуката ја објави преку својот официјален профил на Фејсбук, посочувајќи дека изминатата деценија ја поминал во политичка работа со целосна посветеност и ангажман.

– Ова не е лесна одлука за мене, затоа што во текот на целиот овој пат ја вложив својата енергија, срце и душа, па дури и повеќе од тоа. Имав чест да запознаам верни и неуморни соработници, како и такви што не го издржаа долгиот и предизвикувачки пат. Во изминатите десет години имав можност да запознаам посветени луѓе, искрени пријатели и оддадени соработници. Заедно поминавме низ битки што оставија трага во нас, исто како што и ние оставивме трага во тие битки, вели Лога.

Во објавата тој упатува благодарност до членовите и активистите на Алијанса за Албанците, како и до гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.

– Во овој период имав чест да ја извршувам функцијата генерален секретар, а подоцна и потпретседател на партијата. Ова беше можно единствено благодарение на поддршката од членовите и активистите на Алијансата за Албанците, на кои им упатувам искрена благодарност. Не ги заборавам ниту гласачите на Европскиот фронт и на Националната Алијанса за Интеграција, кои ја покажаа довербата во нашето дејствување, стои во објавата. ра/сст/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан