• понеделник, 23 декември 2024

Попреченоста не е срамна и не треба да се чува подалеку од очите на другите

Попреченоста не е срамна и не треба да се чува подалеку од очите на другите
Лос Анџелес, 17 март 2021 (МИА) - Американската писателка Мелиса Блејк е лице со телесна попреченост која во последно време е сѐ поактивна во каузата „Сакај си го телото“, иако доскоро не било така. - Како жена со попреченост, не сум навикната да го прославувам своето тело - па дури ни да си го покажувам. На што сум навикната? Општеството нѐ гледа нас и нашите телата со попреченост како „неисправни“ и „несоодветни“, како нешто што треба „да се поправи“ и од коешто треба да се срамиме, вели Мелиса. „Дебела“, „грда“, „изгледаш како балон за на парада“, „компир-лице“ - се само дел од шегите со кои се соочила во животот за нешто за коешто не е виновна. Имено, родена е со Фриман-Шелдоновото заболување и само до својата 15. година имала 25 хируршки операции. - Не порекнувам дека сум различна... Растејќи, јас го изедначував „различното“ со „лошо“ и „недостојно“. Се сеќавам, кога читав списанија во мојата соба и ги гледав сите тие убави модели кои носеа „најкул“ облека - а не ми помогна и тоа што никогаш не сум се видела „себеси“ во филмови, на ТВ, па дури ни во музички спот. Застапеноста на попреченоста тогаш практично не постоеше, што дополнително ја засили пораката дека попреченоста е „срамна“ и дека треба да се чува подалеку од очите на јавноста, раскажува таа. Сепак, како возрасна, нејзината работа како писателка ја направила и ја одржува „видлива насекаде“. - Завршив колеџ за новинарство и работев во студентскиот весник на колеџот пред да станам хонорарна писателка. Дел од мојата работа е и да бидам активна на социјалните мрежи, па Твитер и другите такви места станаа плодна почва за некои од најотровните силеџии што сум ги видела, вели таа. Но, таа не потклекнува. Како што вели, сè тоа ја прави дури и побунтовна. - Ќе полнам 40 години во август, па дури и сега, сè уште рутински си ги средувам моите мисли. Ако не го правам тоа, повторно почнувам да му верувам на општеството околу попреченоста. Можеби требаше да минат години за да се промени начинот на којшто се гледам себеси и да дојдам до точка каде што конечно почнувам да сакам да живеам во моето тело со попреченост, но тука сум. Да, тешко е да се биде жена со попреченост во 2021 година. Но, моето тело со попреченост сега е построго и си го сакам овој став!, заклучува таа.  си/

Остани поврзан