• понеделник, 23 декември 2024

Попреченоста не е пречка за врвен успех во работата

Попреченоста не е пречка за врвен успех во работата

Лондон, 11 април 2023 (МИА) - Џејсон Ардеј е најмладиот професор од малцинството Британски Црнци досега на Универзитетот Кембриџ. Има две магистратури, како и докторат на науки. Но, патот до сѐ тоа не му бил лесен...

Имено, на тригодишна возраст нему му бил дијагностициран аутизам, поради што Џејсон научил да зборува дури на 11 години, а читал - на 18 години. Тој денес има 37 години и е пример дека попреченоста не е пречка за успех во работата, кариерата и во животот воопшто.

И покрај неговото нарушување, Џејсон често размислувал за прашања за кои многу деца не размислувале. На пр., пред да проговори, тој често си велел во себе - „Зошто некои луѓе се бездомници?“ или „Зошто има војна?" Подоцна, со помош на неговиот професор Сандро Сандри, Џејсон научил да чита и пишува. Но, вели, најмногу ѝ е благодарен на својата мајка која секогаш верувала во него.

Откако се запишал на студиите по Физичко образование на Универзитетот на Сари, школарината ја плаќал со парите што ги заработувал работејќи во продавници. Набрзо почнал да работи како учител.

- Кога почнав да пишувам академски трудови, немав поим што правам. Сè што испраќав беше одбиено, но сè тоа ми беше искуство повеќе во учењето, изјави Џејсон.

Неговата упорност на крајот се исплатела. Во 2018. го објавил својот прв академски труд и се вработил како предавач во Универзитетот на Рохемптон, а потоа и како вонреден професор по социологија на Универзитетот во Дурам. Во 2021 година, Џејсон се вработил како професор по Социологија на образованието на Универзитетот на Глазгов и со тоа стана еден од најмладите професори во Велика Британија. Од пред еден месец, Џејсон е еден од академските работници на Кембриџ.  си/

Фото: Универзитетот Кембриџ.

Остани поврзан