• четврток, 19 декември 2024

Попова Шапка доби Информативно - едукативен Центар и две соларни еко - зони за одмор во две бачила

Попова Шапка доби Информативно - едукативен Центар и две соларни еко - зони за одмор во две бачила
Скопје, 12 јуни 2021 (МИА) - Во срцето на Ски-центарот „Попова Шапка“, денеска се отвора Информативно-едукативен центар чија цел е на сите посетители да им обезбеди информации за историјата, флората и дивиот свет на Шар Планина, како и едукација за различни активности и можности за спорт на планина, вклучувајќи патеки за пешачење и велосипедизам, скијање, алтернативни форми на туризмот во текот на целата година, безбедносни протоколи, капацитети за сместување и услуги, информираат од Здружението планинарскиот клуб „Шара-ски“ - Тетово. Од Здружението додаваат дека Едукативниот центар, кој е прилагоден на околината и опкружувањето и е изграден од природни материјали, нуди простор за организирана посета на поголеми групи и екскурзии на основци, средношколци и студенти. Во центарот посетителите ќе најдат разновидна печатена, фото и видео документација за Попова Шапка, а на располагање им е и водич кој ќе може да им ја објасни содржината на едукативниот агол. Дополнително, центарот е опремен со предавална, пулт, дрвени штандови, места за напојување со електрична енергија, простор за одмор на отворено, ТВ, компјутер и проектор. Покрај Информативно-едукативниот центар, како што велат од Клубот, во сабота ќе бидат пуштени во употреба и двете еко-зони опремени со фотоволтаични панели и простор со маси и клупи за одмор. Овие еко-зони за одмор се наоѓаат на висок планински терен, по должината на познатата “High Scardus Trail” патека и се сместени во Бачило „Извори на реката Пена“ и Бачило „Грагор – Љуботен“. Еко-зоните во бачилата им овозможуваат на планинарите и посетителите место за одмор, пристап до електрична енергија за полнење на своите уреди, топли пијалоци и дегустација на традиционална храна. Во Ски-центарот „Попова Шапка“ се поставени и информативни табли со детални информации за посетителите за еко-зоните. Отворањето е предвидено за 13 часот во манастирскиот комплекс на Попова Шапка. ар/сп/

Остани поврзан