• недела, 22 декември 2024

Попандонова за МИА: Цените на храната со континуиран пад, но се уште високи

Попандонова за МИА: Цените на храната со континуиран пад, но се уште високи

Скопје, 6 јануари 2024 (МИА) - Цените на храната се уште се високи, особено во земјите на Европа и Централна Азија, кои беа особено погодени од нарушувањето што го предизвика војната во Украина. Колку што се објективни причините, се повеќе се размислува за вештачко одржување на инфлацијата на храна, за да се осигура профитот на индустриите на нереално високо ниво, од што се најпогодени ранливите категории на домаќинства со ниски приходи. Ситуацијата е подобра во однос на првите месеци од почетокот на војната во Украина, со континуиран пад на просечните цени на храната во 2023 година, вклучително млечните производи, растителното масло, шеќерот, иако се уште далеку над нивото пред пандемијата. Подобрување има и од аспект на снабденоста со храна како резултат на рекордно високото производство на пченица, пченка, маслодајни семиња и ориз, во земји кои станаа доминатни на производствената мапа, како Аргентина, Бразил, Канада, Кина, ЕУ, САД и Индија. 

Ова, во интервју за МИА, го истакнува Лидија Попандонова, претседавач со Европската комисија (ЕК) за земјоделство на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Таа се осврнува на состојбите со храната во светски рамки, но и на препораките на ФАО. Како што нагласува, согласно последните анализи, до 2030 година повеќе од 600 милиони луѓе во светот ќе гладуваат, а поради војната во Украина 23 милиони повеќе од првичната проекција ќе страдаат од недостиг на храна, покажуваат најновите анализи на ФАО.

Глобалната достапност на храна, додава Попандонова, дополнително се поткопува со одлуката на Русија да го прекине спроведувањето на Црноморската иницијатива за жито. Глобалната слика се влоши со воената агресија во Газа, откако последниве години регионот на Европа и Централна Азија доживеа повеќекратни шокови, вклучувајќи ги КОВИД-пандемијата, временските непогоди и катастрофи, војната во Украина, разорните земјотреси во Турција,...

На Советот на ФАО што се одржа првата недела од декември годинава, информира Попандонова, беа презентирани проекции кои укажуваат дека Целите за оддржлив развој стануваат недостижни во утврдената временска рамка, дури кај некои од нив има и назадување од претходно постигнатото ниво на исполнување.

Лидија Попандонова е избрана за претседавач со Европската комисија (ЕК) за земјоделство на ФАО на 28 септември годинава, а официјално стапи на функцијата на 27 ноември. 

Што значи да се биде претседавач со ЕК за земјоделство на ФАО? Во многу неблагодарен период стапувате на оваа функција...

Изборот како постојан претставник на Република Северна Македонија во ФАО, за претседавач на ова статутарно тело кое брои 53 земји од Европа и Централна Азија и ЕУ како организација, е големо признание и чест не само за мене, туку и за нашата држава која изминатите години се позиционираше во значајни технички комисии на ФАО, а со овој избор и во високите структури на оваа специјализирана агенција за храна и земјоделство на ОН. Ова е прв избор на лице од балканските држави за претседавање со една од најважните комисии во регионот и само по себе носи голема одговорност за успешно да се реализира работната програма во рамки на двегодишниот мандат и на тој начин да се оправда дадената доверба. Не постојат големи и мали држави, како што велат во ФАО, секоја држава игра подеднакво важна улога во регионален и глобален контекст, а пред се за остварување на националните интереси и за подобар стандард на живеење на своите граѓани. 

Последниве години регионот на Европа и Централна Азија доживеа повеќекратни кризи, вклучувајќи ги КОВИД-пандемијата, екстремните временските непогоди и катастрофи, војната во Украина, разорните земјотреси во Турција, а состојбата во светски рамки дополнително се влоши со воената агресија во Газа, чии последици ќе ги чувствуваме и во региониот. Програмите за итна помош за справување со хуманитарните кризи стануваат приоритет. Со воената агресија во Газа, се отвори ново кризно жариште кое дополнително ја усложни состојбата, додека значителни ресурси се пренасочуваат за да се обезбеди помош за настраданото население. Оваа помош подразбира целосен, брз, безбеден и непречен пристап до основни стоки и услуги за цивилите во Појасот Газа, вклучително вода, храна, медицински материјали и енергија.

На Советот на ФАО што се одржа првата недела од декември годинава, актуелните проблеми во светот беа дискутирани со големо внимание и подготвеност да се стават на располагање сите расположиви ресурси за да се гарантира основното човеково право -  пристап до храна. Истовремено, беа презентирани проекции кои не будат голем оптимизам, поточно укажуваат дека Целите за оддржлив развој и Агендата 2030 стануваат недостижни во утврдената временска рамка, дури кај некои од нив има назадување од претходно постигнатото ниво на исполнување.

Каква е состојба во региониот, какви се очекувањата и препораките?

Повеќекратните шокови кои го погодија регионот на Европа и Централна Азија во претходните години, нанесоа сериозни штети и негативни последици врз производството, дистрибуцијата и достапноста на храна. Овие состојби предизвикаа нестабилност во земјоделското производство и зголемување на цените на инпутите, суровините, енергијата и на храната, што резултираше со зголемување на трошоците за живот. 

Се уште опоравувајќи се од последиците на КОВИД-пандемијата, региониот и светот се соочија со нов голем предизвик од војната во Украина, која заедно со Русија е водечки извозник на жито. Украина доживеа драматичен пад во својот извоз, што резултираше со уништување на речиси 300 000 тони жито и го намали извозниот потенцијал на Украина за најмалку 40 отсто. Ова претставува голем удар за обезбедување храна за милиони луѓе ширум светот. Унилатералната одлука за прекин на Црноморската иницијатива за жито од страна на Русија на 18 јули годинава, директно влијае на обезбедувањето основни прехранбени продукти во 45 земји од три континенти и е проследена со систематски напади врз земјоделската и енергетска инфраструктура и пристаништа во Украина. Советот на ФАО побара итен прекин на воените дејствија и повика на координирана акција на организациите на ОН и нивните партнери за помош во целосна обнова на земјоделството во Украина и стабилизирање на извозот. 

ЕУ и земјите-членки на Европската комисија за земјоделство со загриженост ја следат ситуацијата. Тие апелираат да се прекине со инструментализирањето на храната во воени цели и да се осигура непречен извоз на жито и други земјоделски производи од Украина, во земјите на кои им се најпотребни. 

Уште на самиот почеток од руската воена агресија врз Украина, загриженоста беше голема и оправдана, бидејќи овие две земји, играат значајна улога во глобалното производство и снабдување со храна, меѓу другото се водечки снабдувачи на сончогледово масло со учество од 52 процента на светскиот пазар. Глобалното снабдување со ѓубриво, исто така е високо концентрирано, со тоа што Русија е водечки светски производител и извозник. Војната во Украина предизвика раст на цените на енергија, храна и далекусежни последици кои се анализираат континуирано.

Ситуацијата е, сепак, подобра во однос на првите месеци од почетокот на војната, со континуиран пад на просечните цени на храната во 2023, вклучително млечните производи, растителното масло, шеќерот, иако се уште далеку над нивото пред пандемијата. Подобрување има и од аспект на снабденост со храна како резултат на рекордно високото производство на пченица, пченка, маслодајни семиња и ориз, во земји кои станаа доминатни на производствената мапа, како Аргентина, Бразил, Канада, Кина, ЕУ, САД и Индија. 

Општата констатација е дека инфлацијата е со надолен тренд, но цените на храната се уште се високи, особено во земјите на Европа и Централна Азија, кои беа особено погодени од нарушувањето предизвикано од војната во Украина. За ова, колку што се објективни причините, се повеќе се размислува за вештачко одржување на инфлацијата на храна, за да се осигура профитот на индустриите на нереално високо ниво, од што се најпогодени ранливите категории на домаќинства со ниски приходи.

Кои се конкретните препораки за земјите зависни од увоз на храна од Русија и Украина?

За земјите кои се зависни од увоз на храна од Русија и Украина, ФАО препорачува да бараат алтернативни снабдувачи и истовремено да размислуваат за реорганизирање на сопственото производство и за негова диверзификација со што постепено ќе прават супституција на увозот и ќе го развиваат своето домашно производство.

Владите мора да ги прошират мерките за социјална сигурност за да ги заштитат ранливите категории население. Намалувањето на тарифите за увоз или користењето на ограничувањата на извозот би можело да помогне за решавање на индивидуалните предизвици за да се обезбеди храна во земјите на краток рок, но тие ќе ги зголемат цените на глобалните пазари, предупредуваат економските експерти од ФАО. 

ФАО оценува и дека поголема транспарентност и информации за глобалните пазарни услови можат да им помогнат на владите и инвеститорите да донесат одлуки кога пазарите на земјоделски производи се нестабилни.

За време на Вашиот мандат, освен на актуелните проблеми, на што друго ќе се фокусирате? Кои ќе бидат клучните приоритети на кои ќе работите?

Покрај актуелните проблеми со кои се занимава Европската комисија за земјоделство на ФАО наметнати од околностите во кои живеат регионот и светот, таа игра важна улога и во правилно насочување на поддршката од ФАО во земјите-членки и дава препораки од нејзината техничка и експертска надлежност за сите прашања поврзани со  одржлив развој, трговија, истражување, дигитализација, едукација, болести кај растенија и животни, климатски промени и други области кои се во интерес на земјите-членки. Од повеќе предложени теми, беше прифатена темата која го засега целиот регион „Одржливо користење на земјишните и водни ресурси“, на која ќе дискутираат министрите за земјоделство од региониот, во рамки на Регионалната конференција за Европа и Централна Азија закажана за мај 2024. 

Еден од главните правци на дејствување на Комисијата досега, што се уште останува приоритет, е и трансформацијата на системите за храна преку утврдување на главните ризици и потенцијали на земјоделскиот сектор. Нашата земја беше вклучена во анализата која даде неколку основни приоритетни препораки, кои, за волја на вистината, не се нови, но дотолку повеќе бараат сериозен и инклузивен пристап кон нивно решавање. Пред  се, се однесуваат на причините за ниското ниво на земјоделско производство, недостигот на современи технологии, иновации и пренос на знаење, влијанието на климатските промени, старосната структура на руралното население, миграцијата од село во град, учеството на жените во земјоделската активност, прехранбените навики на населението, квалитетните диети и исхраната на младата популација, како и третирањето на вишокот и отпадот од храна.

Сакам да нагласам дека земјоделството кај нас, во Северна Македонија е меѓу врвните приоритети и е еден од најзначајните економски ресори. Преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се прават максимални напори за негова модернизација и што поголема конкурентност, а потврда за тоа е сериозната финансиска поддршка што се одвојува низ годините. ФАО е значаен партнер на Владата, во исполнување на дел од стратешките приоритети, а оваа соработка е долгогодишна и базира на бројни проекти од Програмската рамка за земјава. 
 
Мирјана Чакарова

фото: МИА

     

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан