• понеделник, 23 декември 2024

Полскиот вицепремиер поднесе оставка оти не сака избори во време на епидемија

Полскиот вицепремиер поднесе оставка оти не сака избори во време на епидемија
Варшава, 6 април 2020 (МИА) - Потпретседателот на полската Влада, лидер на еден од двата коалициски партнери на владејачкта партија Право и правда, Јарослав Говин денеска поднесе оставка поради инсистирањето на владејачките конзервативци предводени од Јарослав Качински да се одржт избори на 10 мај, бидејќи сегашниот претседател Анжеј Дуда има шанси повторно да биде избран во првиот круг.
- Мислам дека изборите мора да бидат одложени, дека терминот 10 мај не доаѓа предвид. Им предложивме на нашите коалициски партнери да се одложат изборите за три месеци. Тие не прифатија и затоа што не успеав да ги убедам, јас поднесов оставка, рече денеска вицепремиерот Говин, кој е и министер за наука и високо образование.
Опозицијата бара Владата да прогласи состојба на елементарна непогода, како што е предвидено во случај на епидемија и на тој начин да се овозможи изборите да бидат одложени за три месеци. 
Меѓутоа, Качински и неговите конзервативци сакаат изборите да се одржат сега, кога нивниот кандидат, актуелниот претседател Дуда, според анкетите, има можност за победа уште во првиот круг.
Како што пренесуваат полските медиуми, опозициските кандидати не се во можност да водат кампања за време на рестриктивните мерки на епидемијата, додека кандидатот на владејачката партија, бидејќи е шеф на државата, редовно се појавува во медиумите, а некои од кандидатите не можат да ги соберат и потписите поради ограничувања во движењето и нема да можат да се регистрираат.
Јавноста реагираше и на изјавата на претседателот Дуда кој рече дека граѓаните на Полска кога можат да одат во продавници можат да излезат и на гласачките места.
Во Полска има 4.201 лице заразено со коронавирус, од кои 98 починаа, а 162 се излекувани. паг/
 

Остани поврзан