• понеделник, 23 декември 2024

Полска ќе постави бодликава жица на границата со Русија

Полска ќе постави бодликава жица на границата со Русија
Варшава, 2 ноември 2022 (МИА) - Полска привремено ќе постави бодликава жица висока два и пол метри на границата со Русија, што, како што изјави денеска министерот за одбрана Маријуш Блашчак, е реакција на отворањето на Калининградската област за летови од Блискиот Исток и Северна Африка.
„Во врска со ова, денеска веќе почнува да се работи за подигање привремена ограда од три реда бодликава жица што ја користат војските ширум светот. Тоа ќе биде иста ограда како што е на границата со Белорусија, висока 2,5 метри и широка три метри“, рече Блашчак на прес-конференција во Варшава.
Блашчак потсети дека ваквата ограда на границата со Белорусија ја запрела источната рута по која мигрантите се обидувале преку Полска да стигнат до западните земји на Европската унија.
„Нема сомнеж дека оваа привремена ограда ја заштити нашата граница, но исто така го спречи или го забави хибридниот напад од Белорусија“, рече Блашчак.
Одлуката на полската влада да постави ограда и на границата со Русија е донесена поради веста дека од 1 ноември аеродромот во Калининград ќе биде отворен за летови од Москва од пријателски земји, што некои воени аналитичари го оценија како обид да се донесат мигранти од Блискиот Исток и да предизвикаат бегалска криза на руско-полската граница. паг/
     

Остани поврзан