• вторник, 05 ноември 2024

Полициска акција во Северна Митровица, запленети шок-бомби и опрема за наркотици и криптовалути

Полициска акција во Северна Митровица, запленети шок-бомби и опрема за наркотици и криптовалути

Приштина, 7 август 2023 (МИА) – Косовската полиција изведе денеска акција во населбата „Три облакодери“ во Северна Митровица, општина во северно Косово , при што заплени нелегална опрема за производство на дрога и криптовалути, како и муниција и шок-бомби, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменикот директор на полицијата на Косово за северниот регион, Ветон Елшани изјави за медиумите дека акцијата е спроведена по добиени информации за нелегално производство и трговија со наркотични средства.

- По дојавите добиени од Секторот за борба против наркотиците – Северна Митровица, во соработка со Регионалната управа Север, извршена е контрола во стан на улицата „Колашин“... Во станот, кој е користен од лицето С.М. – пронајдени се и конфискувани 60 графички картички, машини „Антминер С9“, 13 вентилатори, електрични лампи за лабораторија, 51 куршум и осум модифицирани шок-бомби, информира Елшани.

Осомничениот, според Елшани, не се наоѓал на местото на настанот во времето кога е изведена акцијата.

Медиумите во Приштина потсетуваат дека ова не е прв пат полицијата на Косово да преземе акција против дрога, или против криптовалутите во општините во северно Косово.

Во февруари минатата година полицијата откри три лаборатории за дрога во Северна Митровица, а во мај уништи две лаборатории во Ивор, во близина на границата со Србија, каде што беа откриени големи количества садници марихуана. Во април истата година беше уништена лабораторија за дрога во Звечане, при што беа уапсени четворица косовски Срби.

Неколку акции минатата година косовската полиција изведе на територијата на целата држава, вклучително и северот, против ископувањето на криптовалути, откако го забрани нивното производство поради енормниот трошок на електрична енергија. иа/сд/

Остани поврзан