„Политико“: ЕК се испазари со Словачка за поддршка на Законот за заштита на природата
- Европската комисија се согласи да го одобри словачкиот контроверзен Закон со кој се овозможува убивање на мечки, во замена за поддршка на Братислава за Законот за обнова на природата, што беше усвоен во понеделникот со тесно мнозинство, објави „Политико“, повикувајќи се на тврдење на словачкиот вицепремиер и министер за животна средина Томаш Тараба.
Брисел, 19 јуни 2024 (МИА) – Европската комисија се согласи да го одобри словачкиот контроверзен Закон со кој се овозможува убивање на мечки, во замена за поддршка на Братислава за Законот за обнова на природата, што беше усвоен во понеделникот со тесно мнозинство, објави „Политико“, повикувајќи се на тврдење на словачкиот вицепремиер и министер за животна средина Томаш Тараба.
- Многу јасно ставивме до знаење дека не можеме да го поддржиме (Законот за обнова на природата), доколку не добиеме одобрение за нашето ново законодавство за мечките. И тоа се случи, изјави Тараба.
Европската комисија го негираше ваквото тврдење на Тараба, но неговиот Кабинет до „Политико“ доставил белешка со која еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство Виргиниус Синкевичиус, според словачкиот министер, дава привремена поддршка на словачкиот Закон со кој се одобрува убивање мечки во близина на селата и градовите, но и бара од него глас за усвојување на Законот за обнова на природата на ЕУ.
- Како што беше договорено за време на состанокот во четвртокот, нашите експерти сега го разгледаа што е можно потемелно новиот словачки Закон за измени на Законот за цивилна заштита и Законот за природата и среќен сум што можам да споделам со Вас дека тие заклучија оти новиот закон, се чини, дека е во голема мера во согласност со Директивата на ЕУ за живеалишта. Но, има некои одредби за кои усогласеноста со правото на ЕУ многу ќе зависи од начинот на кој ќе се применуваат. Верувам дека мојот одговор Ви го дава неопходното уверување и дека дискусиите што ги имавте со мојот тим минатата недела, исто така, ги разјаснија Вашите последни отворени прашања поврзани со Законот за обнова на природата и Ве увериле и во тој поглед. Сметам на Вашата поддршка и со нетрпение очекувам да Ве видам во Луксембург на Советот за животна средина, се наведува во белешката.
Синкевичиус инсистира дека не станува збор за никаква трговија. - Тоа е многу чудна гласина. Немаше дискусии или преговори: мечки за Законот за обнова на природата. Немаше никаква трговија или нешто слично, изјави Синкевичиус, додавајќи дека ЕК не направила никакви отстапки за да добие поддршка од Словачка за Законот за обнова на природата.
Но, според Тараба, белешката на Синкевичиус е „сигналот што го барале“ за да гласаат за Законот за обнова на природата.
Тараба, кој е министер на предлог на ултранационалистичка и десно популистичка Словачка национална партија (СНС), претходно најавуваше дека планира да се спротивстави на усвојувањето на Законот за обнова на природата, но во понеделникот тој го смени својот став, изјавувајќи пред Советот за животна средина на ЕУ дека Словачка веќе ги исполнила целите на ова законско решение.
Во последните три години во Словачка беа регистрирани неколку случаи на напади на мечки врз луѓе, со што овој проблем доби политичка димензија. По жестока дебата во јавноста, словачкиот Парламент на почетокот на месецов го усвои Законот со кој и се овозможува на Владата за издава вонредни дозволи за убивање мечки кои се приближуваат до населените места.
Организациите за заштита на животната средина го осудија Законот, оценувајќи дека со него се прекршуваат строгите правила на ЕУ за околностите и условите под кои можат да бидат убивани заштитените видови на животни, како што се мечките.
Адвокатот на организацијата „КлиентЕрт“, Јоанис Агапакис оцени дека објавената белешка е „загрижувачка“ и дека посочените наоди во неа „се сомнителни“.
- Законите на ЕУ нудат голема флексибилност за да може да се одговори на загриженоста за безбедноста на луѓето, но застрелувањето е апсолутно последно средство меѓу строгите критериуми. Ваквите реакционерни мерки се неефикасни за надминување на проблемите со дивиот свет и се во спротивност со меѓународните и со законите на ЕУ за природата. Овој потег само ќе доведе до натамошни прекршувања на законот, а нема да се спречат трагични настани, изјави Агапакис. сп/
Фото: МИА Архива