• вторник, 05 ноември 2024

Поларна светлина на ноќното небо над Украина и Русија

Поларна светлина на ноќното небо над Украина и Русија

Москва/Киев, 6 ноември 2023 (МИА) - Подрачја на Украина и Русија синоќа беа осветлени од поларната светлина - од доста силни зелени, црвени, портокалови и виолетови бои - можеби највпечатливи последниве години, поради поголемата активност и емисии на честици од Сонцето. Снимки од тој феномен беа објавени на интернет и во руските медиуми.

„Аурора бореалис“ во текот на ноќта осветли делови од Сибир, Урал, југозападна Русија и Украина.

Ренесансниот астроном Галилео Галилеј го смислил називот „Аурора бореалис“ во 1619 година, именувајќи го феноменот по римската божица на зората, Аурора и хеленскиот бог на северниот ветер, Вореус. Оваа појава се случува за време на геомагнетни бури, кога нарушувањата во магнетното поле на Земјата доведуваат до познатиот светлосен спектакл. Тој обично е највидлив во областите близу магнетните Северен и Јужен Пол на Земјата, поради што и се нарекува поларна светлина.

При оваа појава, светлоста се создава кога наелектризираните честички од Сонцето продираат во атмосферата на Земјата и се судираат со молекули на гас што предизвикува фотони на светлина. Кислородот произведува зелено светло, а азотот - црвено.

Списанието „Њу сајентист“ (New Scientist) во септември објави дека се очекува поларната светлина да биде посилна оваа година отколку најмалку едно десетлетие претходно, поради зголемената Сончева активност. си/сд/

Фото: 

Остани поврзан