• среда, 20 ноември 2024

Познати полуфиналистите во женскиот фудбалски Куп на Македонија

Познати полуфиналистите во женскиот фудбалски Куп на Македонија
Скопје, 14 април 2021 (МИА) - Во четири македонски градови денеска се одигра 1/4 финалето од женскиот фудбалски Куп на Македонија. Полуфиналистите кои што ќе се борат за финале се клубовите  „Деспина Прилеп“, „Топ Гол“, „Каменица Саса“ и „Асс Унитед“. Најтесно беше 1/4 финалето помеѓу „Шкендија Тетово“ и „Асс Унитед“ кое што заврши со резултат од 2:3. Гоститинките од Струга, поведоа со 0:1 во 35-тата минута со погодокот на Максути Улза. На почетокот од второто полувреме, со ударот од 11 метри, кој го упати Салихи Афродита, домаќинките постигнаа израмнување. Салихи, на момент, во 52-та минута, повторно од пенал, ги одведе домаќините во водство од 2:1, меѓутоа четири минути подоцна, Максути возврати со гол за израмнување од 2:2. Пресуден беше ударот кој Максути го упати во 67-та минута и со тоа овозможи победа и пласман на „Асс Унитед“ во полуфиналето од женскиот фудбалски Куп на Македонија. Правдата на овој натпревар ја делеше скорешниот ФИФА судија Игор Стојчевски, помогнат од судијките Тамара Цветановиќ и Бети Петковска. Во Македонска Каменица се сретнаа „Каменица Саса“ и „Тиверија“ при што дамата во средина на овој натпревар беше нашата ФИФА судијка Ирена Велевачковска, нејзини асистенти беа Спиркоска Тофилоска Весна и Конески Дино. Натпреварот заврши со резултат од 3-1 со што тимот на „Каменица Саса“ се пласираше во полуфиналето од женскиот фудбалски Куп на Македонија. Трите погодоци за домаќинките на овој натпревар ги постигнаа Костова Драгана, Андреевска Ленче и Димитровска Ана. Додека, за гостите, единствениот погодок го постигна Бошеска Ане. Женскиот фудбалски клуб „СЦ Истатов“ од Нов Дојран денеска беа домаќини на „Деспина Прилеп“ при што со резултат од 1:3 на домаќините им избега можноста да бидат дел од полуфиналето од женскиот фудбалски Куп на Македонија. Хет трикот за победа на гостите на овој натпревар го постигна Стојковска Ангела, додека, единствениот погодок за домаќините беше постигнат од Чонева Радица. Тројката арбитри на овој натпревар беше од Велес, предводена од Иванов Игор и неговите асистенти Новачев Петар и Црвенов Роберт. Во Битола се одигра 1/4 финалето помеѓу двата клуба од истиот град „Атлетико“ и „Топ Гол“. По два од петте погодоци кои овозможија пласман во полуфиналето на „Топ Гол“ постигнаа Гелевска Габриела и Најдовска Стела и еден гол даде Јанковска Теодора. Судиската тројка на овој натпревар дојде од Прилеп на чело со Смоквоски Кирил, Костоски Зоран и Смилкоски Марјан. Четврт-финалето од женскиот фудбалски Куп на Македонија се одигра според правилата и прописите за женски фудбал на Фудбалската федерација на Македонија при што беа запазени мерките за Ковид-19. Дисциплински мерки имаше вкупно 10, од кои седум жолти картони за недозволен старт и три за неспортски однос. ар/са/    

Остани поврзан