• понеделник, 23 декември 2024

Пожар на отворено меѓу штипско-карбинските села Судиќ, Горно и Долно Трогерци

Пожар на отворено меѓу штипско-карбинските села Судиќ, Горно и Долно Трогерци

Штип, 21 февруари 2024 (МИА) - Штипските пожарникари во моментов со три возила гаснат пожар на отворено меѓу штипските села  Судиќ, Долно и Горно Трогерци. Командирот на ТППЕ-Штип Благој Ренџов за МИА вели дека пожарот е предизвикан од стрниште, кое е намерно запалено и оставено, по што огнот се прошил на сува трева и нискостеблеста шума. Пријавата до нив е пристигнат пред речиси два часа.

-Во моментов на терен се девет пожарникари, кон две трла кон селото Горно Трогeрци спречено е ширењето на пожарот. Станува збор за голема површина меѓу селата Судиќ, Долно и Горно Трогерци. Изминатите денови, ама секој ден имаме по три до четири пожари на отворено, стрништа. Синоќа во селото Крупиште исто од пожар на стрниште успеавме да спасиме свињарска фарма, вели Ренџов.

Тој упати апел до земјоделците да не ги палат стрништата бидејќи поради ветерот огнот неконтролирано се пренесува на сува трева, шума, а  може да  се доближи и до објекти.

Според Ренџов, во текот на оваа недела имале голем број на пожари на отворено во штипско-карбинскиот регион. Деновиве земјоделците ги палат стрништата и ги оставаат неконтролирано да горат, со цел да ги подготват своите ниви за сеидба на пролетните земјоделски култури, како и на оризот. вдј/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан