• понеделник, 23 декември 2024

Пожарот во Тетово под контрола

Пожарот во Тетово под контрола
Тетово, 30 мај 2022 (МИА) - И во вечерните часови пожарникарите работат на целосно ликвидирање на пожарот во Тетово, кој во текот на вечерта беше ставен под контрола и локализиран. Огнот започна во големата управна зграда на поранешната фабрика „Македонија Табак“ и зафати два соседни објекта каде приватна фирма сега произведува и складира градежни материјали. Пожарот беше ставен под контрола и локализиран само во управната зграда, додека на останатите два соседни објекти е изгаснат. -Огнот во текот на вечерта е локализиран и ставен под наша контрола.Сега вечерва уште има чад затоа што целата покривна конструкција од големата зграда изгоре и падна. Имаме големи количини на изгорени материјали кои тлеат и затоа се уште има чад и ќе има и во текот на вечерта. Затоа цела ноќ е предвидено да дежураме за да се избегне опасност повторно да се разгори огнот.  Ова беше еден од најголемите пожари во мојата кариера и сме фрлиле неверојатно големи количини вода, изјави командантот на тетовската пожарна Ука Алити. Двајца полесно повредени пожарникари, како и неколкумина кои вдишале чад се последиците по луѓето кои работеа на гасење во пожарот, што избувна изутрината  околу 9.30 часот. Од Центарот за јавно здравје Тетово препорачаа болните лица и децата да не излегуваат од дома ако немаат потреба или да носат заштитна маска КН 95. -Пожарот е под целосна контрола благодарение на силната интервенција на противпожарните единици од Тетово, Скопје, Куманово, Гостивар, Кавадарци, благодарение на армискиот и полицискиот хеликоптер, но и вработените и други граѓани кои помогнаа во пренесувањето на горливата материја со виљушкари, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК. Испитување на воздухот направила единица на Армијата која анализира атомско-биолошка-хемиска опасност. -Нема опасни гасови во воздухот, отровни гасови. Извршија испитување на воздухот во околината и состојбата од аспект на отровни гасови е безбедна. За секој случај очекуваме дополнително испитување бидејќи има мала веројатност за отровни гасови која можеби нема можност да детектира, но потсетувам имаат врвна опрема од Америка, рече Ангелов. ас/лв/

Остани поврзан