Поетско читање во Даутпашиниот амам во рамките на Струшките вечери на поезијата
- Со поетско читање на дел од учесниците на Струшките вечери на поезијата, синоќа во Даутпашиниот амам во Скопје заврши 61. издание од меѓународната поетска манифестација.
Струга, 30 август 2022 (МИА) - Со поетско читање на дел од учесниците на Струшките вечери на поезијата, синоќа во Даутпашиниот амам во Скопје заврши 61. издание од меѓународната поетска манифестација.
Читањето на 18-те поети почна со аудиозапис на годинашниот добитник на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, кој поради поодмината возраст не присуствува на фестивалот. Таникава ја изведе песната „Да посадиш дрво“, англискиот препев го прочита јапонскиот поет Јасухиро Јоцумото, а македонскиот препев го прочита Зоран Анчевски, кој воедно е препејувач на оваа песна. Анчевски е препејувач и на целокупниот избор песни на Таникава, застапени во објавената Монографија посветена на лауреатот на „Златниот венец“.
Специјален гостин на 61. Струшки вечери на поезијата беше лауреатот од 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“ годинава му беше врачена на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“. Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
Во рамките на Фестивалот се одржа меморијално чествување на доајенот на македонската поезија Радован Павловски, а објавена беше и тематската антологија „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, која ја приреди македонскиот поет, раскажувач, есеист, теоретичар и преведувач Владимир Мартиновски. сс/мд/