• понеделник, 18 ноември 2024

Подготовките за претстојниот Самит на ЕУ и борба против антисемитизмот главни теми на ГАК 

Подготовките за претстојниот Самит на ЕУ и борба против антисемитизмот главни теми на ГАК 

Брисел, 15 октомври 2024 (МИА) – Подготовките за одржување на октомвриската средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија и мерките за борба против антисемитизмот во Европа, ќе бидат главни теми на заседанието на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) што ќе се одржи денеска во Луксембург. 

Според најавите, министрите и државните секретари за европски прашања на земјите членки на ЕУ ќе треба да го усогласат текстот на Предлог-заклучоците за претстојниот Самит на Европската Унија, што треба да се одржи в четврток и петок во Брисел.  

На Самитот е предвидено европските лидери да разговараат за состојбата во Украина, за случувањата на Блискиот Исток, за теми поврзани со конкурентноста и миграцијата, за претстојните конференции за биодиверзитет во колумбискиот град Кали и за климатските промени во Баку, како и за конкретни прашања од надворешната политика, меѓу кои и за настаните во Грузија, Молдавија, Венецуела и Судан. 

На денешното заседание на ГАК ќе се расправа и за борбата против антисемитизмот во ЕУ, при што се очекува министрите да го повикаат Европскиот совет да усвои нова декларација за поттикнување на еврејскиот начин на живот и за борба против антисемитизмот. 

Во продолжение на состанокот ќе се разговара и за односите на ЕУ со Швајцарија и Велика Британија, за извештајот од мониторингот на јунските избори за членови на Европскиот парламент и за состојбите во Грузија во пресрет на парламентарните избори предвидени за 26 октомври.  

Предвидено е на заседанието, ГАК да усвои интегрирани препораки специфични за секоја од земјите на ЕУ и да ги достави до Европскиот совет. 

Со состанокот на Советот ќе претседава унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.  

На заседанието на ГАК ќе присуствуваат и извршниот потпретседател на Европската комисија за Зелениот договор и за меѓуинституционални односи, Марош Шефчович и еврокомесарката за вредности и транспарентност Вера Јоурова. 

Предвидено е Шефчович да учествува во делот на состанокот посветен на подготовките на Самитот на ЕУ, на дебатите за односите со Швајцарија и Велика Британија и на расправата за интегрираните препораки за земјите членки. 

Јоурова, пак, ќе ги информира министрите за резултатите од нејзината „демократска турнеја“ низ неколку земји членки на ЕУ и САД, посветена на напорите за заштита на изборните процеси од манипулации, странско мешање и дезинформации, како и да ги презентира клучните наоди од извештајот за интегритетот на јунските Европски избори. 

Пред заседанието на ГАК ќе се одржи Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, со што Тирана практично ќе ги започне преговорите за членство во Унијата по првиот Кластер „Основни вредности“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан