• понеделник, 23 декември 2024

Повторно уништена урбана опрема во Куманово

Повторно уништена урбана опрема во Куманово

Куманово, 7 август 2024 (МИА) - Несовесни граѓани повторно уништиле урбана опрема во Куманово, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.

- Три клупи се уништени во градскиот парк. Пред една седмица интервениравме со механизација и човечки потенцијал за вадење на исфрлени клупи во речното корито, денеска сме повторно принудени од несовесни граѓани да интервенираме. Несовесното однесување на граѓаните кое води до уништување на опремата во градскиот парк претставува сериозен проблем за заедницата. Таквото однесување не само што ги зголемува трошоците за одржување, туку и негативно влијае врз сите корисници на паркот, изјави директорот на претпријатието, Ненад Стојановски.

Од претпријатието апелираат да не се оштетува опремата и бараат поставување на видеонадзор, зголемување на полициското присуство и комунална инспекција во паркот и на други локации како и организирање едукативни кампањи помеѓу населението.

-За полесно надминување на проблемот со секојдневно уништување на урбана опрема во општина Куманово, општината е во постапка на собирање на локации и вршење анализа за приоритетни места за поставување на видео надзор. При ова се водиме од позитивна законска регулатива, во соработка со Агенција за заштита на лични податоци, информираа претходно од општина Куманово.

Лани, општина Куманово во два наврати набави урбана опрема. За последната набавка која беше склучена во октомври, општината одвои скоро милион денари. Претходно во септември, лани, пак од општинскиот буџет за набавка на урбаната опрема Куманово оддели над 4, 2 милиони денари или севкупно 5, 2 милиони денари.

Дел од опремата како што тогаш објасни кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски е изработена од бетонски елементи, со цел поголема трајност и отпорност од оштетување и уништување. Токму таквите клупи беа мета на вандалско уништување. ам/дма/


Фото: ЈП „Чистота и Зеленило“

Остани поврзан