• сабота, 23 ноември 2024

Повторно во функција кујната во детското одморалиште во Охрид каде беше пријавено труење со храна

Повторно во функција кујната во детското одморалиште во Охрид каде беше пријавено труење со храна

Скопје, 4 август 2023 (МИА) - Повторно е во функција кујната во детското одморалиште во Охрид каде беа уништени повеќе од 200 килограми храна поради пријавено труење.

Акцијата, како што вели за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, се спроведувала од 18 до 21 јули.

-Уништивме млечни производи, преработки од месо, риба,..., буквално се што најдовме што не беше безбедно. Утврдена беше контаминација со бактерии, и на површините и кај вработените. Кујната беше затворена веднаш, уште на 18 јули. Недоследностите се отстранети и кујната во одморалиштето е повторно во функција, а против економскиот оператор ќе следи соодветна постапка, информира Бабовски. 

Во разговор за МИА што беше објавен деновиве, директорот откри и дека од почетокот на годинава досега, преку епидемиолошката служба од центрите за јавно здравје, пријавени се и спроведени истраги за пет случаи на сомнеж за труење со храна. Врз основа на спроведените инспекциски контроли, пак, утврдена е поврзаност на труење со храна во ресторан (изолирана бактерија салмонела во храна) за што на операторот му е изречена казнена мерка - глоба. Поради нехигиена и утврдено присуство на контактни површини, предмети и материјали кои доаѓаат во контакт со храна, изречени се казнени мерки на градинка од внатрешноста, иако од страна на епидемиолог не е докажан причинител на труење со храна. Присуство на бактерија стафилокока во брис од раце кај вработен и во примерок од храна е причина за потврдено труење со храна во скопски ресторан и против операторот е изречена казнена мерка - глоба. мч/бак/

фото: МИА архива

Остани поврзан