• петок, 22 ноември 2024

Повик за дизајн на лого за 30-годишнината од дипломатските односи помеѓу Јапонија и Северна Македонија

Повик за дизајн на лого за 30-годишнината од дипломатските односи помеѓу Јапонија и Северна Македонија

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија објави конкурс за дизајн на лого за 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Јапонија и Република Северна Македонија.

Целта на овој натпревар, како што наведува Амбасадата, е професионалци од областа на графичкиот дизајн и уметници, креативни ентузијасти, како и млади таленти во Северна Македонија да создадат заедно со Амбасадата на Јапонија дизајн кој ќе ја долови суштината на овој многу важен пресврт во односите помеѓу двете земји.

-Концептуалното решение треба графички и симболично да го покаже пријателството помеѓу двете земји и заедничките вредности кои ги споделуваме. Треба да има можност да се користи на печатени документи и брошури, како и на веб-сајтови и социјални медиуми. Највисоко оценети ќе бидат оние идејни решенија кои ќе бидат едноставни, модерни, но со значење. Изборот ќе биде направен од претставници на јапонската амбасада во Северна Македонија, истакнува Амбасадата.

Секој учесник може да поднесе едно или најмногу три идејни решенија. Концепт решенијата се поднесуваат на e-mail адресата contact@sk.mofa.go.jp, не подоцна од 20 октомври 2023 година (полноќ). Покрај концептуалното решение, неопходно е да се наведат податоци за креаторот - име и презиме, телефонски број за контакт.

Амбасадата на Јапонија бара и краток опис на дизајнот, како и на инспирацијата при поднесувањето на предлогот.

-Основни технички барања се: графички предлог за лого и неговите предложени употреби (логото треба да биде во векторски формат) и независно авторство на сите елементи - ако се користат дополнителни елементи, тие, исто така, треба да бидат поднесени како посебни графички елементи. Ако фајлот надминува 10MB треба да користите надворешен линк за преземање. Препорачани графички формати: .pdf .ai, .png. Со поднесувањето на вашиот дизајн, вие се согласувате авторските права на победничкиот дизајн да се префрлат на Амбасадата на Јапонија, овозможувајќи ни да го користиме, измениме и дистрибуираме логото за промотивни и славенички цели, додава Амбасадата. мч/дма/

 

Фото: Амбасада на Јапонија

Остани поврзан