Повеќе проблеми надминати во Тетово со едногодишното јавно-приватно партнерство за стопанисување со комуналниот отпад
- По повод една година од воспоставувањето јавно-приватно партнерство за стопанисување со отпадот во Тетово, општината и австриската компанија Саубермахер организираа форум за животна средина.

Тетово, 12 март 2025 (МИА) - По повод една година од воспоставувањето јавно-приватно партнерство за стопанисување со отпадот во Тетово, општината и австриската компанија Саубермахер организираа форум за животна средина.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами рече дека е задоволен од едногодишната соработка со Саубермахер затоа што со тоа се решени повеќе проблеми кои го отежнуваа собирањето на отпадот низ градот.
- После една година, јас како градоначалник, не се соочувам со проблемите, вработените да бараат 3-4 неисплатени плати, да ми ѕвони телефонот од депонијата и да ми кажуваат дека ќе се затвори депонијата ако не се плаќаат фактурите, не ми ѕвонат од компанијата која ги снабдуваше камионите со гориво, да ми кажат ако не се платат заостанатите фактури дека нема да се снабдуваат. Тетово секојдневно имаше проблем и ризик менаџирање со отпадот да пропадне и Тетово да се задуши ѓубре и ние да имаме и опасност од некои заразни болести. Сега веќе тој проблем е решен, рече Касами.
Сопственикот на компанијата Саубермахер, Ханс Рот Саубермахер рече дека по една година стапката на плаќањето на сметките се зголемува секој месец. Според него иако бројките се важни не дошол да се жали за наплатата, туку да се постигне целта – да има чист и еколошки град.
-Јас мислам дека ако ние дадеме добри услуги тогаш ќе успееме да ги мотивираме граѓаните да ги плаќаат своите сметки, а тие ќе го наградат нашиот труд. Стапката на наплата ќе се зголеми бидејќи такви примери имаме и во други земји. Кога почнавме наплатата изнесуваше 25 проценти, меѓутоа мене ми е важно да нагласам дека и покрај тоа сите наши 106 соработници ги добија редовно свои плати и ние си ги плативме сите наши фактури коишто ги имавме на пример за набавка на гориво. Се надевам дека кога ќе дојдам следниот пат во Тетово и кога ќе можам да кажам дека стапката на наплатата се зголемила и дека се зголемила стапката на рециклирање. Тоа е мојата голема цел која сакам да ја постигнам тука, истакна Ханс Рот.
На новинарско прашање околу жалбите на граѓаните дека не добиле опомени пред да им се направи присилна наплата, Рот рече проблемите биле со адресите на домаќинствата.
- Ние имавме проблем со точните адреси. Опомените да ги праќаме на точните адреси и затоа моравме да ги праќаме на нотари. Меѓутоа состојбата е сè подобра и подобра и добивавме се повеќе информации за точните адреси на потрошувачите. Имаме 20 илјади домаќинства до кои доставуваме сметки. Имаме 2-4 илјади домаќинства кај кои ѕвоневме на врата, лично им ја доставивме сметката на врата. Така што доаѓам од Австрија но се трудам да не се чудам премногу, рече Ханс Рот.
На форумот се обрати и министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити кој посочи дека мошне е значајна соработката со Австрија како земја која има долга историја кон заштита на природата и има резултати во областите на рециклирање, обновливи извори на енергија и зачувување на биолошката разновидност.
- Исто така, Македонија, со своите богати природни ресурси, има извонредна можност понатаму да развива еколошки политики и практики кои ќе донесат конкретни придобивки за нејзините граѓани и глобалната животна средина. Затоа оваа соработка, во делот на управувањето со комуналниот отпад, во една од најголемите општини во Полошкот регион е особено значајна за нас, бидејќи добрите практики од австрискиот начин на управување со комуналниот отпад можеме да видиме како се имплементираат и во нашата земја. Верувам дека ова ќе биде добар пример и за останатите општини, истакна Изет Меџити.
На настанот на кој присуствуваа и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, австрискиот и словенечкиот амбасадор Мартин Памер и Грегор Прескер. ас/сст/
Фото МИА