• сабота, 23 ноември 2024

Планинарски клуб Љуботен од Тетово в недела го организира 42-то искачување на Титов врв

Планинарски клуб Љуботен од Тетово в недела го организира 42-то искачување на Титов врв

Тетово, 23 мај 2024 (МИА) – Викендов ќе се одржи дводневната манифестација по повод традиционалното мајско искачување на Титов врв што секоја година го организира планинарскиот клуб Љуботен од Тетово. Во недела 26 мај е искачувањето до највисоката точка на Шар Планина на 2747 метри надморска височина додека ден претходно ќе се одржат пригодни активности.

- Во недела од 06:30 часот е предвидено тргнување на колоната од платото пред хотел „Попова Шапка“ кон Титов Врв по „Вакуфска Патека“. Предвидено е околу 11 часот пристигнување на колоната на Титов Врв, а на пладне враќање назад кон Попова Шапка.

Во 16:00 часот е очекуваното пристигнување на Попова Шапка, информираше на денешната прес-конференција, Христина Коруновска, член на извршниот одбор на ПК Љуботен

Од клубот напомнуваат дека поради големата количина на снег, која не е забележана во изминативе 38 години, потребно е сите коишто ќе се пријават и учествуваат на овогодишното искачување, да ја почитуваат програмата на организаторот и да ги почитуваат обврските кои ги имаат како учесници на овој настан.

- До искачувањето има уште три дена, во овој период се прогнозираат променливи метеоролошки услови. Но во текот на утрешниот ден и петок, членови на клубот ќе бидат на терен и ќе имаме најточни информации за состојбата со снегот. Во зависност од метеоролошките услови, а пред сè поради безбедност на учесниците, клубот има право да ја промени патеката на искачување до врвот, за што сите благовремено ќе бидат известени. Организаторот има право да донесе одлука и за прекинување на искачувањето, која одлука треба да се почитува од сите учесници на настанот, истакна претседателот на ПК Љуботен, Јован Божиноски.

Во сабота, вообичаено се предвидени и пригодни активности за афирмација на планинарството и заштитата на животната средина. Покрај пречекот на планинарите на Попова Шапка, во хотелот Славија ќе бидат организирани неколку активности, како што базар, проекции на филмови, детска забава и свеченото отворање како и координација на планинарските групи.

- Во координација со ЈУ Национален Парк Шар Планина, ќе се изврши чистење на патеката од Титов Врв до Попова Шапка. Вработените од паркот, пред самото тргнување ќе поделат ракавици и вреќи на дел од учесниците кои на симнување од врвот ќе го соберат сиот отпад кој е на патеката. Благодариме на НП Шар Планина во поддршката на овој настан, посочи Божиноски.

Организацијата на оваа планинарска манифестација почнува во 1980 година кога се организира првото тогаш меморијално искачување. По ова прво меморијално искачување одлучено е настанот да влезе во календарот на сите планинарски друштва во тогашна Југославија. Организацијата и масовноста на овој настан е знак на препознавање на П.К. Љуботен. Во текот на изминатите 41 искачувања на Титов Врв евидентирале бројка од 26705 искачени планинари. ас/ир


Фото: МИА 

Остани поврзан