Пињо за писмото на Де Вевер за „заемот за репарации“: Продолжуваме да работиме на договор за финансиска поддршка на Украина
- Европската комисија го прими писмото испратено до нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен од страна на белгискиот премиер Барт де Вевер во врска со опциите за финансиска поддршка на Украина и продолжува да работи со земјите членки, вклучувајќи ја и Белгија, на постигнување договор за ова прашање, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Брисел, 28 ноември 2025 (МИА) – Европската комисија го прими писмото испратено до нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен од страна на белгискиот премиер Барт де Вевер во врска со опциите за финансиска поддршка на Украина и продолжува да работи со земјите членки, вклучувајќи ја и Белгија, на постигнување договор за ова прашање, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
- Ова следи по испраќањето на документот од страна на претседателката Фон дер Лајен, во кој беа наведени повеќе опции за тоа како да се исполнат обврските преземени од Европскиот совет за задоволување на финансиските потреби на Украина за 2026-2027 година. Врз основа на тој документ со опции се водат интензивни дискусии со земјите членки, вклучувајќи ја и Белгија и напредуваме со оваа работа, рече Пињо на денешната прес-конференција во Европската комисија.
Де Вевер синоќа упати писмо до Фон дер Лајен во кое оцени дека планот за т.н. „заем за репарации“, кој предвидува користење на 140 милијарди евра од замрзнатите руски средства во ЕУ за исплата на финансиска поддршка на Украина е „фундаментално погрешен“ и дека може да создаде сериозни економски и геополитички последици.
На прашање дали одлуката за прифаќање на планот за т.н. „заем за репарации“ може да се усвои со квалификувано мнозинство и дали во таков случај Еврокомисијата размислува „да ја заобиколи“ Белгија, Пињо кусо одговори дека работите „сè уште не се дојдени до таму“.
- Реков дека разговараме со земјите членки врз основа на документот со опции. Претседателката пред два дена изјави дека Комисијата е подготвена да достави и законски предлог. Дури тогаш ќе ги разгледаме можните правила за работа и за тоа како ќе се одлучува, рече Пињо, додавајќи дека таквиот законски предлог би можел да биде доставен „во следните денови“.
Според Пињо, во моментов напорите се насочени кон тоа да се одговори на задоволителен начин на изразената загриженост околу планот, особено од страна на Белгија и нејзиниот премиерот, со што сите би биле задоволни со ставовите на Комисијата.
- Мислам дека ова се непознати води, па затоа е легитимно да се поставуваат прашања и да се споделува загриженост. Ние навистина правиме сè што е во наша моќ да се справиме со таа загриженост на задоволителен начин, така што секој ќе може да се чувствува самоуверено и сигурно сво однос на секое решение што ќе биде предложено на крајот, додаде Пињо.
На прашање за коментар на оценката на Де Вевер во писмото дека користење на замрзнатите руски средства би можело да има последици по мировните преговори меѓу Украина и Русија и дали ЕК смета дека ваквиот план може да влијае на нејзината позиција во преговарачкиот процес, Пињо одговори дека нема да дава никакви коментари на ваквите забелешки.
- Ова прашање е дел од дискусиите во врска со мировниот договор во Украина и засега нема да елаборираме ниту една од темите за кои се дискутира, додаде Пињо. сп/ссм/
Фото: МИА Архива