• понеделник, 23 декември 2024

Питомците дадоа заклетва во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – според претседателката најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Питомците дадоа заклетва во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – според претседателката најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) – Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, денеска се одржа свеченост по повод заклетва на 28. класа студенти питомци, каде свое обраќање имаше претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, како и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Сиљановска – Давкова во своето обраќање истакна дека е горда на припадниците на Армијата, нагласувајќи дека државата мора да се грижи за офицерскиот подмладок. Според претседателката, најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал, за што сведочат, рече, постојаните активности и учества при справување со кризи и непогоди. 

– Како претседателка и врховна командантка на вооружените сили, можам да посведочам дека нашата Армија е составена од професионални, мотивирани и кредибилни старешини и војници, кои се дел од НАТО пактот. Во петте години членство, но и како дел од партнерството за мир во бројните мисии, нашите припадници покажаа и сѐ уште покажуваат и докажуваат дека можат да стојат рамо до рамо со колегите од најсилните армии и да постигнуваат највисоки резултати, одлично вршејќи ги своите задачи… Сепак, за мене, најсилната страна на нашата Армија е човечкиот капитал. Во тоа се уверивме не само за време на мисиите во странство, туку и во постојаните активности и учества при справување со кризите и непогодите, и конкретната помош и поддршка на граѓани. Со право сум и со право сме горди на припадниците на Армијата и мора да се грижиме за офицерскиот подмладок, рече Сиљановска – Давкова. 

Светскиот мир, додаде, одамна не бил толку нарушен и слаб, како во последните неколку години по руската инвазија врз Украина и неконтролираната ескалација на воениот конфликт на Блискиот Исток. 

– Не само врвните воени познавачи, туку и обичните луѓе во секојдневните грозоморни слики препознаваат сериозна опасност од конфликт, од глобални размери со непредвидливи и несогледливи последици по човештвото. Низ геополитички, но и хуманистички агол мора да изразиме огромна загриженост во воениот ек и опкружување. Свесни сме за улогата на безбедносниот чадор, но и за потребата од инвестирање и развивање во сопствената Армија. Убедена сум дека нема конфликт за кој не може да се постигне мирно решение, што поскоро, тоа по добро. Верувам дека ние, поучени од крвавата историја, ја научивме мировната философија и дека нема да дозволиме воени судири на нашето тло. Посакувам припадниците на Армијата, вие, да бидете ангажирани во мировни, а не во воени операции и активности во некое идно време, додаде претседателката.

Министерот за одбрана Мисајловски, им порача на питомците во наредните четири години заеднички и посветено да ги откриваат тајните на воената професија и како што рече, да го искористат знаењето и искуството на професорскиот кадар.

 – Вашите први чекори почнуваат овде на Воената академија  „Генерал Михаило Апостолски“, која е респектибилна институција во широки рамки. Место со врвен кадар, високообразовна институција, која до сега произвела многу квалитетни офицери, кои дале и даваат значаен придонес за афирмирање и развој на Армијата. На питомците од Црна Гора и од Босна и Херцеговина им посакувам топло добредојде. На сите вам заедно ви порачувам, во наредните четири години заеднички посветено да ги освојувате тајните на воената професија, да го усовршите, затоа што вие ќе специјализирате во област која е специфична, но и карактеристична по стандардите, стручноста, дисциплината и најважно, соработката. Заедно во следните четири години ќе учите, ќе се обучувате и ќе придонесувате за развој на нашата соработка. Денес како питомци, а утре како офицери на армија, кои се грижат за безбедноста на своите сограѓани, порача Мисајловски.

Нагласи дека живееме во свет на брзи промени со огромен број на технолошки иновации со изменета безбедносна средина, каде соработката и партнерството се есенцијални за зачувување на цивилизациските вредности.

– Живееме во динамично време, во свет на брзи промени со огромен број технолошки иновации, во време кога светот се менува речиси на секое поле. Живееме во време со изменета безбедносна средина, со голем број предизвици каде соработката и партнерството се најнапред есенцијални за брза адаптација, а преку заеднички пристап до соодветна реакција во насока на зачување на цивилизациските вредности, слободата, правдата и демократијата, рече Мисајловски. ра/ев/

Фото: Министерство за одбрана

 

Остани поврзан