• понеделник, 23 декември 2024

Пирц Мусар во посета на Црна Гора

Пирц Мусар во посета на Црна Гора

Љубљана, 22 април 2024 (МИА) – Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар утре ја почнува тридневна посета на Црна Гора, при што ќе има средби со црногорскиот колега Јаков Милатовиќ и други владини претставници.

Предвидено е на средбите да се разговара пред сè за зајакнување на економската соработка, но и за состојбите на Западен Балкан и кризните жаришта во светот. Според најавите од Љубљана, посетата претставува продолжување и зајакнување на редовната билатерална соработка.

Милатовиќ, во ноември ја посети Словенија, а последен пат со Пирц Мусар се сретна на почетокот на април на отворањето на Економскиот форум Делфи во Грција.

Пред посетата, кабинетот на Милатовиќ соопшти дека Црна Гора „има пријатели и сојузници во Словенија, која е членка на ЕУ веќе 20 години и која цврсто го поддржува нејзиниот понатамошен европски пат“.

Пирц Мусар и Милатовиќ ќе разговараат и за состојбите на Западен Балкан, а особено внимание ќе посветат на зајакнување на соработката меѓу двете земји во рамките на процесот Брдо-Бриони, бидејќи овогодишниот лидерски самит ќе се одржи во Црна Гора.

На вториот ден од посетата Пирц Мусар и Милатовиќ ќе присуствуваат и на отворањето на Јадранскиот форум за животна средина, општество и менаџмент во Тиват, а третиот ден ќе го отворат бизнис форум во организација на Комората за трговија на Црна Гора. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан