„Пипл“: Џон Красински e најсекси маж во 2024 година
- Така, тој ја презеде „титулата“ од колегата-глумец Патрик Демпси.
Лос Анџелес, 13 ноември 2024 (МИА) - Американскиот глумец Џон Красински е најсекси маж во 2024 година, според списанието „Пипл“ (People). Така, тој ја презеде „титулата“ од колегата-глумец Патрик Демпси.
Списанието, традиционално, го објави најубавиот познат маж во овогодишниот број со ексклузивно интервју со 45-годишниот успешен филмски работник - актер, продуцент и режисер. Веста е откриена вчера во емисијата „Лејт шоу“ (The Late Show) на Стивен Колберт. Во разговорот, Красински истакна дека, без сомнение, највредната улога што ја има е онаа секојдневната од вистинскиот живот - Красински е оженет со глумицата Емили Блант со која има две ќерки - Хејзел (10) и Вајолет (8).
- Убаво е да си в брак со некој од кого постојано учиш, со кого се менуваш и развиваш. И навистина сум среќен што имам можност сѐ ова да го минам со сопругата, изјави Красински во интервјуто.
Тој го напиша, режираше и глумеше во хоророт „Тивко место“ (A Quiet Place), како и вториот дел - со неговата сопруга Емили во главната улога. Красински рече дека работата со сопругата на двата филма била една од највозбудливите работни задачи во неговиот професионален живот.
Годинава излезе и „Тивко место 3“, со други глумци и нов режисер, но Красински е повторно делумно заслужен за сценариото. си/
Фото: ЕПА