• недела, 22 декември 2024

Пеци: Зачленувањето на Косово во СЕ ќе се одложи ако не започне процесот за формирање на ЗСО

Пеци: Зачленувањето на Косово во СЕ ќе се одложи ако не започне процесот за формирање на ЗСО

Приштина, 19 април 2024 (МИА) – Директорот на Косовскиот институт за истражување и развој на политики – КИПРЕД, Љуљзим Пеци, изјави дека има информации оти зачленувањето на Косово во Советот на Европа може да се одложи за една година доколку европскиот нацрт за Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово не биде испратена до Уставниот суд, со што ќе започне процесот за нејзино формирање, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пеци во интервју за РТВ21 рече дека на косовскиот премиер, Албин Курти јасно му е кажано од страна на земјите од групата КВИНТ (САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција) дека испраќањето на нацртот за Заедницата на Уставен суд е услов за зачленување на Косово во СЕ во мај годинава.

„Не можеме повеќе да ја отфрламе политичката и државната одговорност што ја имаме за создавањето на Заедницата и сега треба да се соочиме со политичката реалност. Земјите од КВИНТ ова јасно му го соопштија на премиерот и премиерот го знае тоа. Повторувам, ако сега не оди на Уставен суд, според информациите кои ги имам, гласањето (за прием на Косово во СЕ) ќе се одложи за една година“, рече Пеци.

Тој рече дека меѓународната заедница две години по ред бара од Косово да го подготви нацртот за Заедницата на српски општини.

„Кога видоа дека такво нешто не се прави, самите го изготвија нацртот“, нагласи директорот на КИПРЕД.

Според него, членството во СЕ е важно не само поради човековите права, туку „треба да се има предвид дека Косово се зачленува како европска држава во најстарата европска институција“.

Пеци вели дека непријател на Заедницата на српски општини во Косово е самиот претседател на Србија, Александар Вучиќ.

„Тој (Вучиќ) ја прави целата оваа работа за да не дојде до формирање на Заедницата. Тој сака поделба на Косово и сака да покаже дека Косово ништо не спроведува и не сака да остави ниедно друго решение освен силна територијална автономија, и тоа само на север, за потоа северот да може да се припои кон Србија“, рече Пеци, додавајќи дека нападот во Бањска во септември минатата година е дел од тоа сценарио на Белград.иа/сд/

Остани поврзан