• понеделник, 23 декември 2024

Пецас: Собирањата во домовите за празниците може да бидат прослава за вирусот, а не за нас

Пецас: Собирањата во домовите за празниците може да бидат прослава за вирусот, а не за нас
Атина, 21 декември 2020 (МИА) – Собирите, особено во затворени и слабо проветрени простори како што се нашите домови, може да бидат прослава за вирусот, а не за нас. По празниците, сакаме да одиме напред, а не да се вратиме назад, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, повикувајќи ги граѓаните да бидат особено внимателни за празниците, јави дописничката на МИА од Атина. -Да се ​​обидеме за Божиќ и Нова Година да бидеме со истите луѓе, најмногу со едно друго семејство. Да не си играме со нашите животи и со животите на луѓето кои ги сакаме. Треба да играме одбрана, многу повеќе сега кога доаѓа вакцината и надежта не е желба, туку видлива реалност, порача Пецас. Истакна дека ако сите бидат претпазливи за празниците, нема да има потреба од продолжување на мерките што се во сила до 7 јануари 2021 година, но сепак, одговарајќи на новинарско прашање не ја исклучи можноста за воведување построги мерки за Нова година, доколку за Божиќ се забележи непочитување на постоечките. Во однос на она што синоќа го објави МИА, дека во центарот на Атина голем број граѓани и покрај карантинот излегоа да ја почувствуваат пред новогодишната атмосфера и дали ваквите појави ја загрижуваат Владата, Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека ако сликите во Грција се споредат со сликите во европските градови како што се Париз, Берлин или Лондон, сепак Грците покажале одговорно однесување. -Некои прашања се чини дека се поврзани со заморот по толку месеци битка со невидливиот непријател. Но, не сме во најлоша ситуација во Европа. Она што нè загрижува и затоа постојано упатуваме апели за да го избегнеме тоа, се гужвите и собирите во домовите на Божиќ и Нова година. Клучно е коронавирусот да го оставиме надвор од нашите домови, рече портпаролот на грчката Влада на прашањето на МИА. Говорејќи за вакцината, Пецас истакна дека први ќе се вакцинираат вработените во здравствениот систем, потоа ќе следат домовите за стари лица и оние кои се над 65 години.ср/

Остани поврзан