• понеделник, 23 декември 2024

Пет иницијативи на седница на Уставен суд

Пет иницијативи на седница на Уставен суд

Скопје, 8 февруари 2023 (МИА) - Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по пет иницијативи за оценување на уставност и законитост.

На дневен ред е иницијативата од Панта Џамбазоски од Скопје и Давид Кичевски од Крушево, застапувани од адвокат Дељо Кадиев од Скопје,  поднесена на член 24 став 3 во делот „со истиот статус на работен однос“ од Законот за јавното обвинителство.

Според подносителот на иницијативата одредбата на членот 21 според кој: „По укинувањето на Јавното обвинителство, јавните обвинители, административниот персонал и истражителите се упатуваат на работа во Јавното обвинителство на позиции со споредливи парични примања“ се однесува на сите вработени во СЈО, јавните обвинители по престанокот на СЈО се вратиле на работа во јавните обвинителства од кои биле упатени на работа во СЈО, истражителите се вратиле во МВР бидејќи нивниот работен однос им мирувал, административните работници немале организација од која биле преземени, односно се вработиле во СЈО по распишан конкурс.

Подносителот на иницијативата смета дека Јавниот обвинител на Република Северна Македонија оспорената одредба на член 24 став 3 од Законот за јавното обвинителство ја толкувал така што тој не требал да ги вработи административните службеници од СЈО од причина што требало да ги прими на работа со „ист статус на работниот однос“ што за него подраз­бирало „определено време до престанокот на СЈО“, а бидејќи СЈО престанал, тогаш тој воопшто и не требал да ги вработи. Подносителот смета дека постоела евидентна разлика меѓу одредбата на членот 21 од Законот за СЈО и членот 24 став 3 од Законот за јавното обвинителство, која, според него е недоре­чена и соз­да­ва забуна во правниот промет.

На дневен ред на денешната седница е иницијативата поднесеа од Светски македонски конгрес на Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија, потоа иницијативата со која е оспорен член 44 став 2 во делот: „најдоцна до 65 години возраст“ од  Законот за социјалната заштита, како и иницијативата со која се оспорени член 271 став 1, член 272,член 275 и член 276 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи. дма/аа/

 

Остани поврзан