• понеделник, 23 декември 2024

Петто издание на „Резервен живот“ од Лидија Димковска

Петто издание на „Резервен живот“ од Лидија Димковска

Скопје, 8 април 2023 (МИА) - Од печат излезе петтото издание на „Резервен живот“ од Лидија Димковска, еден од најуспешните и најпреведувани романи во македонската книжевност.

По објавувањето во 2012 година, веќе следната година романот ги добива наградите „Стале Попов“ на ДПМ и Европската награда за литература на ЕУ по што романот е преведен на 11 јазици; англиски, германски, италијански, унгарски, чешки, романски, албански, бугарски, словенечки, хрватски и српски. Романот, со гостување на авторката, е претставен во повеќе градови во САД како и во Европа и добива одлични рецензии и убав прием од читателите, информира издавачката куќа Или-Или.

Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Објавила седум поетски збирки: „Рожби од Исток“ (1992), „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009), „Црно на бело“ (2016) и „Гранична состојба“ (2021); три романи: „Скриена камера“ (2004), „Резервен живот“ (2012) и „Но-Уи“ (2016); американскиот дневник „Отаде Л“. (2018) и збирката раскази: „Кога заминав од Карл Либкнехт“ (2019), преведени на бројни јазици. Ги добила наградата за дебитантско поетско дело „Студентски збор“, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската поетска награда „Наим Фрашери“, наградата „Браќа Миладиновци“ и други. Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“ како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за меѓународната „Балканика“. Уредила четири антологии. Учествувала на голем број меѓународни книжевни средби, читања и резиденции низ светот.лв/

Остани поврзан