Петровска – Панајотопулос: Северна Македонија и Грција ја делат истата визија за безбеден, стабилен и просперитетен регион
- Задоволство од драстично зголемениот интензитет во одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и Грција во последните две години, што дава сериозен придонес во регионалната безбедност, изр
Делфи, 7 април 2022 (МИА) – Задоволство од драстично зголемениот интензитет во одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и Грција во последните две години, што дава сериозен придонес во регионалната безбедност, изразиле министрите за одбрана на Северна Македонија и Грција Славјанка Петровска и Никос Панајотопулос на нивната средба на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
-Северна Македонија и Грција ја делат истата визија за безбеден, стабилен и просперитетен регион, била констатацијата на двајцата министри, според Министерството за одбрана на Северна Македонија, а Петровска упатила благодарност за недвосмислената поддршка од Грција за нашата европска перспектива.
Двајцата министри, по средбата истакнаа дека разговарале за низа теми и за унапредување на соработката.
-Грција е извонреден сојузник и пријател на Северна Македонија. Планот за билатерална соработка во одбраната годинава предвидува 42 заеднички активности од кои дел ќе бидат реализирани во Северна Македонија, а дел во Грција, што е јасен приказ на новото драстично повисоко ниво на посветеност на заедничката одбранбена соработка со акцент на специјалните сили, НАТО стандардизацијата, сајбер одбраната, заедничките обуки и вежби. Круна на взаемната доверба е воздушното патролирање на небото на Северна Македонија како дел од колективната одбрана на НАТО кое е доверено на грчките сојузници, како и учеството на Грција во најголемата вежба која годинава ќе се одржи на Криволак, „Swift response 22”, рече министерката Петровска на средбата.
-Со мојата колешка, министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска на Делфи форумот, разговаравме за натамошното унапредување на нашата одбранбена соработка, ер полисинг од НАТО, обемната програма за воена соработка, обука и вежби, напиша Панајотопулос на Твитер.
Како што соопштија од Министерството за одбрана на Северна Македонија, двајцата министри, зборувајќи за безбедносната ситуација во Европа и воениот конфликт во Украина, се согласиле дека „единството на сојузниците во НАТО во осудата на воениот конфликт, во одлучноста за одвраќање и одбрана и во солидарноста со украинскиот народ, е поцврсто од кога било“.
Министерката Петровска, денеска учествуваше на панел дискусија на Форумот во Делфи, а освен со Панајотопулос, имаше средба и со министерката за надворешни работи и вицепремиерка на Косово Доника Гервала Шварц.
Утре ќе се сретне и со американскиот заменик- помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Габриел Ескобар,со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан Мирослав Лајчак, и со претседателот и основач на ГЛОБСЕК, Роберт Вас. ср/лв/