• понеделник, 23 декември 2024

Петровска ја посети изложбата на мурали во фабриката Купрум во Хром

Петровска ја посети изложбата на мурали во фабриката Купрум во Хром
Скопје, 13 октомври 2021 (МИА) - Кандидатката за градоначалник на Град Скопје нa граѓанската иницијатива Зелен хуман град, Ана Петровска и членката на Градскиот совет на Виена од редовите на Австриската зелена партија, Хајди Секвенц ја посетија изложбата на мурали во напуштена фабрика за бакар „Купрум“. Петровска потенцира дека во сегашноста, објектите на историското еколошко жариште - фабриката за производство на бакар „Купрум“ во населбата Хром пропаѓаат, бидејќи не се решени имотно-правните односи. Посочува дека земјиштето и објектите се делумно во државна, делумно во привата сопственост, а еден дел влегуваат во стечајната маса на поранешната фабрика. - Овој простор како да ги повикува младите и уметниците да создаваат зелени иновации и уметност. Шетајќи покрај прекрасните мурали насликани на ѕидовите, Хајди Секвенц одушевено коментираше: „Овој простор има специфичен карактер, објектите не смее да се срушат и на нивно место да се градат станбени згради!“ Градот Скопје и општината Ѓорче Петров мора овој простор да го трансформираат во младински центар. Да се формираат зелени стартапи, занаетчиски работилници, помеѓу другото и за поправка на домашни апарати и мебел. На просторот може да се организираат изложби, концерти и други културни настани, истакнала Петровска, пренесуваат од нејзиниот изборен тим. Таа посочува дека напуштените индустриски објекти, стоваришта, културни домови, училишта, месни заедници, мора да се ревитализираат и пренаменат во јавни простори со многу зеленило и нови паркови. Само така Скопје ќе биде зелен и хуман град. фф/сп/

Остани поврзан