• понеделник, 23 декември 2024

Петровска на средба со министрите за одбрана на САД – Јадранската повелба: Земјите од А5 имаат капацитет да дадат силен придонес кон глобалната безбедност

Петровска на средба со министрите за одбрана на САД – Јадранската повелба: Земјите од А5 имаат капацитет да дадат силен придонес кон глобалната безбедност

Скопје, 15 јуни 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска, во делегацијата на Северна Македонија во НАТО, имаше работен ручек со своите колеги – министрите за одбрана на земјите-членки на САД – Јадранската Повелба од регионот, како и со Селесте Валандер, помошник секретар за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, како претставник на САД.

Средбата ја отвори Петровска која порача дека Северна Македонија, како НАТО сојузник и претседавач со А5 во 2023 година иницираше заеднички проект кој предвидува заедничка поддршка на НАТО мисијата во Ирак, со организирање на обука која ќе се фокусира на Програмата за развој на одбранбената едукација, односно DEEP програмата за Ирачката воена академија.

-Минатите неколку месеци бевме фокусирани на ревитализацијата на оваа регионална иницијатива. Со поддршката за DEEP програмата во НАТО мисијата во Ирак која има за цел да го развие военото образование и да промовира соработка помеѓу партнерите, ние на ефикасен начин промовираме размена на знаења, искуства и научени лекции, рече министерката.

Заедничкото учество во овој проект, потенцираше Петровска, ќе ја засили регионалната безбедносна соработка и ќе ја демонстрира нашата заедничка посветеност кон зацврстувањето на партнерствата и развојот на колективната безбедносна архитектура.

На работниот ручек иницијативата на Северна Македонија доби поддршка од сите земји членки на САД – Јадранската повелба. Министрите заклучија дека поддршката за DEEP програмата во мисијата на НАТО во Ирак со реализација на ваков тип на обука изведена од експерти од А-5 земјите е одлична можност за интензивирање на активностите во рамките на оваа иницијатива и поддршка во напорите на НАТО за развој на военото образование во Ирак. мч/дма/

фото: МО

 

Остани поврзан