• понеделник, 23 декември 2024

Петровска ги отвори третите по ред синдикални спортски игри на Независниот синдикат на одбраната

Петровска ги отвори третите по ред синдикални спортски игри на Независниот синдикат на одбраната
Скопје, 27 мај 2022 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Охрид ги отвори третите по ред Синдикални спортски игри за вработените во Армијата и Министерството за одбрана во организација на Независниот синдикат на одбраната. Петровска, како што информираат од нејзиниот кабинет, на отворањето истакна дека синдикалните спортски игри се значаен елемент во зајакнување на тимскиот дух, солидарноста и сплотеното работење за постигнување на заедничка цел и додаде дека спортот отсекогаш имал улога во подигнување на социјалната вклученост, фер плејот, дисциплината и лидерството. Таа потенцира дека благодарение на „тимската игра“ Министерството за одбрана заедно со Генералштабот и со претставниците на синдикатите во изминативе четири месеци покажаа и изготвија предлог измени на Законот за служба во Армијата на Република на Северна Македонија што без никакви забелешки беше усвоен од Владата. - Предлог измените на Законот се доставени до Собранието, а вчера на пратеничките прашања упатив порака до сите политички партии и ја истакнав важноста дека овој предлог потребно е да се прифати без било какви политички калкулации. Внесените измени не се ниту големи барања, ниту е нешто неочекувано, туку е нешто што е потребно за подобрување на стандардот и вашите услови за работа, рече министерката Петровска. Таа посочи дека во изминатиот период вработените во Армијата и Министерството за одбрана покажале професионалност и подготвеност да се справат со предизвиците во сите тешки моменти и додаде дека во справувањата во сите натамошни предизвици таа е нивниот најголем сојузник. - Како министерка за одбрана ви ветувам и ве уверувам дека дијалогот со вас ќе продолжи, затоа што тоа е единствениот пат како успесите ќе ни бидат побројни и ќе бидеме се подобри и подобри, рече Петровска. Претседателот на Независниот синдикат на одбраната, Ванчо Исајов упати благодарност до министерката Петровска за поддршката и посочи дека во изминатиот период интензивно се работело на измените на Законот и очекува наскоро овие законски измени да бидат донесени. На денешното отворање се обрати и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски кој рече дека овој синдикат е вистински борец за работничките права и им посака убави и весели спортски игри . На третите по ред синдикални игри чија цел е јакнење на тимскиот дух преку спортот учестуваат околу 300 натпреварувачи од Армијата и од министерството – членови на Независниот синдикат и гости од земјава и од Синдикатот на војската на Црна Гора. Учесниците на спортските синдикални игри ќе се натпреваруваат во повеќе спортски дисциплини: мал фудбал, кошарка, одбојка, шах, пикадо, влечење јаже... аа/дма/

Остани поврзан