• недела, 22 декември 2024

Перински: Се разгледува иницијатива за референдум за отповикување градоначалници

Перински: Се разгледува иницијатива за референдум за отповикување градоначалници

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - Една од најважните иницијативи за локалната самоуправа е можноста за референдумско изјаснување за отповикување на градоначалниците, што ќе ја зголеми одговорноста на локалните лидери и ќе овозможи поголема контрола од страна на граѓаните, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински. 

Перински, во гостување на ТВ Алфа, истакна дека ова решение било присутно и во Законот за локална самоуправа од 1995 година, и сега се разгледува повторно како можност.

- Главната иницијатива за оваа промена произлегува од изразеното незадоволство на граѓаните од одредени сегашни градоначалници. Сметаме дека треба да им дадеме на граѓаните можност за отповикување на градоначалниците, а тоа било решено и во претходниот закон, рече тој.

Перински најави сериозни реформи во локалната самоуправа и регионалниот развој, нагласувајќи дека земјата се подготвува за членство во Европската Унија. 

-Регионалниот развој е исклучително битен сегмент, кој досега беше занемаруван. Почнуваме да градиме капацитети за да се адаптираме на потребите и политиките на ЕУ, изјави министерот. 

Во рамките на реформите, планирани се измени на Законот за локална самоуправа, кои ќе овозможат поголема транспарентност и учество на граѓаните во креирањето на локалните буџети.

Министерот истакна дека ќе се создаде и комунална полиција за елиминирање на девијантни однесувања во локалните заедници.

- Сите овие промени ќе се спроведат на максимално транспарентен и отворен начин, додаде Перински.

Министерот објасни дека Министерството активно работи на адаптирање на своите капацитети и процеси со цел да ги задоволи условите поставени од ЕУ. Тој ги спомена земјите од регионот како примери, нагласувајќи дека многу од нив веќе го поминале патот на реформите.

-Никаде во регионот нема веќе Министерство за локална самоуправа, туку тие се Министерства за кохезија и регионален развој. Мислам дека тоа е соодветно, бидејќи овие земји веќе го поминале овој пат, кој ние допрва треба да го одиме, рече Перински, додавајќи дека земјата мора да се подготви за полноправно членство во ЕУ и за пристап до фондовите на Унијата.

Министерството работи и на подобрување на системот за учество на граѓаните во креирањето на локалните буџети, што ќе им овозможи на граѓаните да имаат поголема улога во донесувањето на одлуките кои директно ги засегаат. Министерот нагласи дека целиот процес ќе биде спроведен со висока транспарентност.

- Планираме да го дополнуваме законот така што ќе се овозможи поголемо учество на граѓаните во креирање на локалните буџети. Овој процес ќе се води на максимално транспарентен и отворен начин, додаде Перински.

Процесот на измените на Законот за локална самоуправа веќе е започнат со поддршка од УНДП, а во него учествуваат како домашни, така и меѓународни експерти. ев/дма/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан