• вторник, 05 ноември 2024

Пендаровски го додели Признанието за придонес на припадниците на дијаспората

Пендаровски го додели Признанието за придонес на припадниците на дијаспората

Скопје, 25 април 2023 (МИА) - Софи и Митре Кутановски од САД се добитници на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората. Признанието вечерва им го додели претседателот Стево Пендаровски. 

Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, Признанието им се доделува за нивниот придонес во поттикнување на економскиот развој на селото Радожда и регионот, како и за продолжување на програмата „Атанас Близнакоф“ и стипендирање на стотици студенти од социјално ранливите групи.

Признанието за придонес на припадниците од дијаспората се доделува првпат годинава под покровителство на шефот на државата, а е востановено од Македонија 2025 - Огранок во Република Македонија. Признанието се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и јакнење на државните капацитети, како во земјава така и во странство.

- Ова признание кое е востановено од Македонија 2025, го вреднува придонесот на припадниците на дијаспората кои индивидуално, или преку нивните организации дале значаен придонес кон економскиот и општествениот развој, образованието, научно-истражувачката работа, волонтерството, културата и уметноста во Република Северна Македонија. Длабоко сум уверен дека станува збор за извонредно значајна инцијатива која ќе ги продлабочи врските на македонската дијаспора со својата матица и во тој контекст би сакал да потенцирам дека ми претставува особена чест и задоволство да бидам покровител на ова признание, истакна Пендаровски. 

Меѓу Македонците во дијаспора, како што рече Пендаровски, има навистина бројни примери на личности кои својот живот го имаат посветено на просперитетот и развојот на својата татковина.

- Иако просторно оддалечени, нивните мисли  и срца секогаш биле и секогаш се во и со родната грутка. Секогаш скромни и речеси незабележливи, овие големи луѓе се наоѓаат и во добро и во лошо, не штедејќи време, средства, но, пред се љубов за својата земја и својот народ, нагласи Пендаровски. 

Шефот на државата изрази надеж дека ова признание ќе биде и дополнителен поттик и мотивација за припадниците на македонската дијаспора да продолжат да ги одржуваат врските со својата прва татковина и активно да учествуваат во нејзиниот развој и напредок.

- Македонците кои живеат овде знаат дека постојат многу предрасуди и преголеми очекувања за улогата што би требало да ја има македонската дијаспора во нашиот внатрешен развој. Знаеме, исто така, дека се присутни и стереотипи кај Македонците во дијаспората во однос на однесувањето и очекувањата од нивните сонародници во татковината. Токму затоа е посебно значајна улогата на организациите како Македонија 2025 кои покрај отворањето на патишта за зближување и комуникација, нудат и конкретни тренинзи, обуки и модули за меѓусебна соработка на Македонците независно од тоа каде живеат, изјави Пендаровски.

Претседателот Пендаровски потсети на конференцијата на тема: „Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економска криза“, потсети дека веќе неколку години е покровител на Кампот за високотехнолошка извонредност што го организира Македонија 2025. мд/сп/

Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски

 

Остани поврзан