• сабота, 16 ноември 2024

Пендаровски говореше на панел-дискусијата „Фокус на Балканот“ на Минхенската безбедносна конференција

Пендаровски говореше на панел-дискусијата „Фокус на Балканот“ на Минхенската безбедносна конференција

Скопје, 17 февруари 2024 (МИА) - Перспективите за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и можностите за деблокада на процесот беа главна тема на панел-дискусијата „Фокус на Балканот“ во рамки на 60. Минхенска безбедносна конференција на која говореше и претседателот Стево Пендаровски. На панел-дискусијата учествуваа и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и американската сенаторка, Џејн Шахин, член на Комитетот за меѓународни односи на Сенатот на САД.

Од кабинетот на Пендаровски информираат дека во однос на перспективите за промена на Уставот, како пречка за натамошно продолжување на нашата интеграција, претседателот Пендаровски рекол дека до одржувањето на изборите тоа нема да е можно, бидејќи земјата веќе е во т.н. техничка фаза со формирањето на преодната влада, чија единствена задача е организирањето на фер и демократски избори.

-Претседателот Пендаровски посочи на падот на интересот за ЕУ во регионот, посочувајќи го македонскиот пример, дека и по тешки компромиси, државата нема напредок во интеграцијата кон ЕУ.

Тој додаде дека Европската Унија не е прашање на денот години наназад во целиот регион на Западен Балкан, не само во Северна Македонија, посочувајќи дека блокадата на патот кон ЕУ носи поларизација и помеѓу самите македонски граѓани во однос на ЕУ, не само на етничка основа, нагласуваат од кабинетот на Пендаровски.

Говорниците на панелот, како што велат, посочија на потребата од обезбедување на јасна европска перспектива за државите-кандидати за членство во ЕУ, што позитивно ќе влијае на севкупната стабилност и просперитет на регионот.

На настанот беше истакната и важноста на поддршката што САД ја даваат на процесот на европска интеграција на земјите од регионот и за продолжување на реформската агенда во тој контекст.вј/

 

Фото: Кабинет на Пендаровски

Остани поврзан