• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Во Берлин беше постигнат компромис, но го одбија Борисов и Радев

Пендаровски: Во Берлин беше постигнат компромис, но го одбија Борисов и Радев
Скопје, 6 ноември 2020 (МИА) - На средбата на германското претседателство со ЕУ со владините делегации на Бугарија и на Северна Македонија во понеделникот во Берлин, бил постигнат компромис што Софија подоцна го одбила, изјави претседателот Стево Пендаровски во вечерашното интервју за „360 степени“. - Тимовите разговараа пред некој ден во Берлин. На маса биле отворени неколку идеи. Со исклучителен ангажман на двајцата германски министри Хајко Мас и Михаел Рот, според извори од двете делегации, беше најден заеднички договор, рече Пендаровски. Бугарија, сепак, не го прифатила тоа што начелно било договорено од шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, вицепремиерот за евроинтеграција Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Пендаровски вели дека засега нема точни информации туку има само шпекулации што се случило. - Наводно тоа што е усно договорено во Берлин подоцна е одбиено и од нивниот претседател Румен Радев и од премиерот Бојко Борисов, рече Пендаровски. Прашан како од 1 до 10 би ги оценил шансита во декември сепак да се одржи првата меѓувладина конференција и земјава да ги почне пристапните преговори со ЕУ, шефот на државата кажа дека шансите  се 3. Отежнувачки фактор, смета претседателот Пендаровски, е и тоа што Бугарија е влезена во предизборен период кога тензиите се на повисоко ниво и тешко се отстапува од искажаните позиции. Атмосферата што се создава во Бугарија, според него, наликува на ситуацијата во Грција пред Самитот на НАТО во Букурешт. - Не можам во овој момент да ѝ дадам на целата македонска јавност количина на оптимизам кон ова прашање. Јас имав изминативе денови разговори и со германскиот претседател и со бугарскиот претседател. Од сето она што го склопувам како информација и од нашата мисија во Брисел и од нашите пријатели кои не се малку во Европската унија, е дека Бугарија во овој момент делува како да е тврдо решена да постави блокада на нашиот пат кон ЕУ. Не би сакал да прејудицирам, бидејќи тие го одложија Советот за општи работи за 17 ноември, што значи има десетина дена во кои може да се најде заедничка солуција, изјави претседателот Стево Пендаровски.са/  

Остани поврзан