• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски-Норман: Билатералните односи со Канада дополнително се зајакнаа со сојузништвото во НАТО

Пендаровски-Норман: Билатералните односи со Канада дополнително се зајакнаа со сојузништвото во НАТО

Скопје, 11 март 2021 (МИА)Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Џајлс Норман, новоименуван амбасадор на Канада во Северна Македонија, со седиште во Белград.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на свечената церемонија на предавање на акредитиви, Пендаровски истакна дека Северна Македонија и Канада традиционално ги поврзува пријателство и меѓусебно разбирање. Одбележувајќи 25 годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи со Канада, билатералните односи, како што рече претседателот Пендаровски, дополнително се зајакнаа со сојузништвото во НАТО.

-Билатералната и мултилатералната соработка и нашето партнерство се базираат на споделувањето на вредностите на демократијата, како и на визијата за градење на поправеден и поинклузивен свет. Канада отсекогаш за нас била земја на толеранција, на различности и почит кон сите луѓе, што нè чини уште поблиски како две држави, иако географски далечни, рече Пендаровски.

Посакувајќи му на амбасадорот Норман успех во извршувањето на дипломатската должност, претседателот Пендаровски изрази уверување дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи да се развива во нагорна линија во повеќе сфери од заеднички интерес, со фокус на унапредување на економските релации.

-Во оваа смисла, свој придонес дава и бројната дијаспора по потекло од нашата држава, која е дополнителен мост за јакнење на нашата меѓусебна комуникација и унапредена соработка во културата, образованието, науката и технологијата, нагласи претседателот.

Амбасадорот Џајлс Норман истакна дека Северна Македонија и Канада имаат многубројни заеднички особини кои ги обединуваат двете земји, меѓу кои е и различноста.

-И Северна Македонија и Канада имаат богато етничко, религиозно и јазично наследство. Прифаќањето на различноста ги прави нашите земји посилни. Споделувајќи ги нашите искуства, Северна Македонија и Канада можат да учат една од друга за тоа како различноста може да придонесе за вклученост и заедништво, рече амбасадорот Норман.

Амбасадорот Норман нагласи и дека на двете земји заедничка особина им е посветеноста на рамноправноста меѓу мажите и жените, како и желбата да се изгради посилна економија преку трговска размена и инвестиции.

-Од суштинско значење за нашата економска соработка е бизнис клима каде што се почитува владеењето на правото и каде што странските инвестиции се заштитени од произволни одлуки. Зголемување на економската соработка ќе биде важен дел од мојот мандат, заклучи амбасадорот Норман. нд/лв/

Остани поврзан