• понеделник, 25 ноември 2024

Педесетина шефови на дипломатии, меѓу кои и Османи, со осуда на трансферот на севернокорејски балистички ракети на Русија

Педесетина шефови на дипломатии, меѓу кои и Османи, со осуда на трансферот на севернокорејски балистички ракети на Русија

Брисел, 10 јануари 2024 (МИА) - Со најжестоки можни квалификации ги осудуваме набавката и испораката на балистички ракети од Северна Кореја за Русија, како и нивната употреба при руските напади врз Украина извршени на 30 декември 2023 година и 2 јануари 2024 година, се наведува во заедничката изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и на шефовите на дипломатиите на 48 држави, меѓу кои е и министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

- Овие оружја ги зголемуваат страдањата на украинскиот народ, ја поддржуваат агресивната војна на Русија и го поткопуваат глобалниот режим на нивно неширење. Руската употреба на севернокорејски балистички ракети во Украина, исто така, и обезбедува значајни технички и воени сознанија на Северна Кореја. Ние сме длабоко загрижени за безбедносните импликации што оваа соработка ги има врз Европа, Корејскиот Полуостров, Индо-пацифичкиот регион и врз целиот свет, се наведува во изјавата.  

Во реакцијата, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се посочува дека владите на земјите потписнички на заедничката изјава заедно стојат во решително противење на трансферот на оружје меѓу Северна Кореја и Русија, при што се додава дека со доставувањето на севернокорејски балистички ракети на Руската Федерација, заедно со кое било друго оружје, флагрантно се кршат повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН и тоа резолуциите 1718 од 2006, 1874 од 2009 и 2270 од 2016 година, кои Москва и самата ги поддржа. 

- Внимателно следиме што Русија и дава на Северна Кореја во замена за овој извоз на оружје. Ги повикуваме Северна Кореја и Русија да се придржуваат до соодветните резолуции на ОН и веднаш да престанат со сите активности со кои ги прекршуваат, се додава во реакцијата. 

Во исто време се повикуваат сите земји членки на ОН, вклучително и сите членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, да се придружат во осуда на Русија и флагрантните прекршувања на резолуциите на Светската организација од страна на Северна Кореја.

- Додека Русија лансира бранови ракети и беспилотни летала против украинскиот народ, ние ќе продолжиме да стоиме заедно во поддршка на Украина. Ние и натаму ја повикуваме Северна Кореја да одговори на бројните и оригинални понуди да се врати на дипломатијата, како единствениот пат до траен мир на Корејскиот Полуостров, се додава во реакцијата. 

Потписници на заедничката изјава, покрај Османи и Борел, се и шефовите на дипломатиите на Австралија, Австрија, Албанија, Андора, Аргентина, Белгија, Бугарија, Велика Британија, Гватемала, Германија, Грузија, Грција, Данска, Естонија, Израел, Ирска, Исланд, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Кипар, Летонија, Литванија, Лихтенштајн, Луксембург, Малта, Молдавија, Монако, Португалија, Романија, Сан Марино, Словенија, САД, Украина, Финска, Франција, Хрватска, Црна Гора, Чешка, Шведска и Шпанија. сп/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан