• понеделник, 23 декември 2024

Патиштата меѓу селата во Голо Брдо се исчистија со булдожерот донација од македонската влада

Патиштата меѓу селата во Голо Брдо се исчистија со булдожерот донација од македонската влада

Тирана, 27 ноември 2023 (МИА) -  Снежните намети што деновиве го зафатија регионот на Голо Брдо предизвикаа прекин во сообраќајот, оставајќи отсечени повеќе села. Но, за разлика од минатите години, ситуацијата оваа година е поинаква и тоа благодарение на градежната машина за чистење на снегот, донација од македонската Влада, објави македонската амбасада во Тирана.

- Административната единица Требиште на чие чело е администраторот Едмонд Османи, го ставија во употреба булдожерот дониран од Владата на Република Северна Македонија и започнаа со расчистување на снежните наноси на патиштата меѓу селата, стои во објавата на амбасадата.

Премиерот Димитар Ковачевски на претставници на Требиште во август  освен градежната машина за чистење на снегот им донираше и светилки за улично осветлување, во вредност од милион денари.

Како што тогаш кажа  Ковачевски, со тоа се реализирало уште едно барање од заедничкиот договор на Македонците од оваа област со Владата и оти корист ќе имаат сите населени места.

Како што за МИА изјави Османи, со ангажирање на вработените во административната единица најпрво од големите наноси на снег исчистен е патот Требиште- граничен премин Џепиште, кај Дебар.

Потоа се продолжило со чистење на патиштата со кои другите населени места се поврзани со Требиште, седиште на административната единица.

Македонците во оваа област веќе три дена се без електрична енергија. вт/ир

 

Фото: Амбасада на РСМ -Тирана

Остани поврзан