• недела, 22 декември 2024

Партениј: Се надеваме дека наскоро ќе биде исправена повеќедецениската неправда кон православниот народ кај нас

Партениј: Се надеваме дека наскоро ќе биде исправена повеќедецениската неправда кон православниот народ кај нас
Скопје, 14 јануари 2021 (МИА) - За решавањето на сложени процеси, како што е признавањето на автокефалноста на една помесна црква, потребно е време и искрено се надеваме и веруваме дека наскоро ќе дојде благопријатното време за исправање на повеќедецениската неправда кон православниот народ кај нас, вели епископот Антански, г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител, во празнично интервју за МИА. Тој потенцира дека од наша страна преговорите со СПЦ за оваа прашање никогаш не биле прекинати, при што српските архијереи секогаш нагласувале дека Вселенската Патријаршија го има последниот збор за доделување томос за автокефалност. - Меѓутоа, сега кога дојде време да се решава нашето прашање, одеднаш за српските архијереи Вселенската Патријаршија престана да биде првопрестолна црква и ги нема канонските права за арбитер во православната екумена. Колку апсурдно: кога Патријаршијата ѝ дала томос на Српската Црква го имала тоа право, а сега повеќе го нема?!, наведува Партениј. Тој потсетува дека свесен за повеќедецениското студено негирање од страна на СПЦ, Синодот на МПЦ-ОА, побарал помош за посредништво од БПЦ, имајќи ја предвид подолгата заедничка црковна историја. - БПЦ требаше да се застапи пред Вселенската Патријаршија за признавање на автокефалијата на нашата Црква, чиишто епархии историски ѝ принадлежеле на Охридската Архиепископија, потоа на Вселенската Патријаршија, па на Бугарската Егзархија, на која со сила ѝ биле окупирани од српските власти. БПЦ тоа делумно и го направи, со формирањето комисија за нашето прашање, за што, се разбира, ѝ сме многу благодарни. Се разбира, ќе беше уште подобро доколку Синодот на БПЦ одлучеше, за што не е доцна, официјално да сослужува со македонските архијереи, со што ќе дадеше значителен придонес во процесот на надминување на меѓусебните предрасуди и на поголемо духовно зближување на братските народи, македонскиот и бугарскиот. Како што нагласив, не е доцна да се направи тој чекор и сега, доколку има добра волја кај бугарските архијереи, додава Партениј. Епископот изразува надеж дека барем повеќето помесни православни црква „повторно ќе ја стекнат свеста за соборноста“ и канонскиот поредок на едната, света, апостолска и соборна Црква, врз принципот на единство околу Првопрестолната Мајка Црква во Константинопол, преку нејзините историски и канонски права и соборските одлуки. - Сепак, накрај не треба да заборавиме дека последниот збор го има Светиот Дух, Кој е вистинскиот раководител на Црквата, така што верувам дека работите ќе дојдат на свое место, додава Партениј во интервјуто за МИА. сп/ац/

Остани поврзан