• среда, 04 декември 2024

Парламентот на Абхазија гласаше против инвестицискиот договор со Русија

Парламентот на Абхазија гласаше против инвестицискиот договор со Русија

Сухуми, 3 декември 2024 (МИА) - Парламентот на отцепената грузиска провинција Абхазија, кој го поддржува Москва, денеска гласаше против ратификувањето на инвестицискиот договор со Русија што предизвика протести минатиот месец и резултираше со смена на претседателот.

Договорот беше потпишан во октомври во Москва, кога рускиот министер за економија Максим Решетников и абхазиската министерка Кристина Озган го потпишаа договорот.

Опозициските лидери тврдат дека договорот е штетен за економскиот суверенитет на Абхазија, бидејќи ги фаворизира богатите Руси и компаниите заинтересирани за купување недвижен имот во регионот на Црното Море, наместо локалното население.

Москва, која во голема мера го пополнува буџетот на Абхазија, бара руските инвеститори да добијат право да купуваат недвижен имот и право да ја градат и развиваат областа.

Протестите против ратификацијата на договорот избувнаа на 15 декември кога толпа упадна во Парламентот и побара оставка од Аслан Бжанија, кој ја водеше земјата од 2020 година.

Четири дена подоцна Бжанија поднесе оставка и привремено беше заменет од Бадра Ганба, до изборите. Во меѓувреме беше објавено дека властите се подготвуваат за поништување на договорот. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан