• петок, 05 декември 2025

Парламентарен самит на Кримска платформа: Идејата дека границите можат да се менуваат со сила е исклучително опасна

Парламентарен самит на Кримска платформа: Идејата дека границите можат да се менуваат со сила е исклучително опасна

Стокхолм, 24 ноември 2025 (МИА) – На Четвртиот парламентарен самит на Кримската платформа, утрово говори одржаа претставници на делегации од Хрватска, Чешка, Летонија, САД и Белгија.

- Идејата дека границите можат да се менуваат со сила е исклучително опасна. Таа имплицира визија за свет каде што моќта на правилата попушта пред владеењето на моќта, рече во своето обраќање Гордан Јандроковиќ, претседател на Парламентот на Хрватска.

Јандроковиќ повлече паралели меѓу историјата на Хрватска и Украина, истакнувајќи дека неговата земја добро ја разбира цената на слободата и борбата против агресорот кој одбива да го прифати политичкиот избор на друга нација. Тој нагласи дека поддршката за Украина е одбрана на заедничките вредности и инвестиција во побезбедна иднина, повикувајќи ја меѓународната заедница да остане цврста во својата решеност и да го одржи притисокот врз Русија за да се врати правдата.

Првиот потпретседател на Сенатот на Чешка Јиржи Драхош предупреди меѓународната заедница да не ги повторува грешките од Минхенскиот договор од 1938 година, потсетувајќи дека обидот да се смири агресорот по цена на територијални отстапки води само до уште поголема војна.

- Моите чешки колеги и некои европски политичари тврдат дека мирот мора да се постигне по секоја цена, вклучително и предавање на Крим на Владимир Путин, кој потоа, веројатно, повторно ќе почне да се однесува пристојно. Ништо не може да биде подалеку од вистината. Не наседнувајте на Чемберлените на денешницата, рече Драхош.

Тој нагласи дека не може да има мир што самите Украинци не го сакаат и ги повика партнерите да обезбедат максимална воена и хуманитарна помош со цел Русија да сноси целосна одговорност за своите злосторства.

Претседателката на Парламентот на Летонија Даига Миериња рече дека балтичките држави многу добро ја разбираат заканата од Русија, откако поминале 50 години под советска окупација, и ја повика Европа да не престане да врши притисок врз агресорот. Таа ја истакна потребата од конфискација на руските средства за доброто на Украина и повика на целосна изолација на Русија додека не се вратат правдата и територијалниот интегритет на Украина.

- Мораме денес, повторно и повторно, како мантра, да повторуваме дека Крим е Украина; дека обидите на Русија да ги промени границите со воена сила се незаконски; и дека злосторствата извршени од Русија нема да бидат турнати под тепих нагласи таа.

Претседател на Претставничкиот дом на САД Мајк Џонсон увери дека САД, заедно со своите сојузници, остануваат посветени на одбраната на суверенитетот на Украина. Тој ја нагласи важноста од построги санкции кон Москва и зајакнување на европската енергетска безбедност преку американскиот течен природен гас за да ѝ се одземе моќта на Русија, нагласувајќи дека принципите на територијалниот интегритет не се предмет на расправа.

- Ќе продолжиме да работиме заедно со претседателот Трамп, републиканските и демократските лидери во нашиот Конгрес, и нашите европски сојузници за да помогнеме во обновувањето на мирот и просперитетот за украинскиот народ. Разбираме дека мирот не може да се постигне преку слабост. Мирот се обезбедува преку сила. И овој принцип ја води новата американска надворешна политика, рече Џонсон.

Претседателот на Сенатот на Белгија Винсент Блондел ги сподели своите лични впечатоци од неговата посета на Буча и Киев, истакнувајќи дека злосторствата на кои бил сведок се засекогаш врежани во неговиот ум. Тој нагласи дека агресијата на Русија против Украина не е само геополитички предизвик, туку и длабока закана за европската безбедност и заедничките вредности, поради што светот мора да бара целосна одговорност од агресорот во однос на воените злосторства, тортурата и киднапирањата.

- Крим е составен дел на Украина. Го осудуваме обидот за анексија на украинската територија, што ја прекршува Повелбата на ОН. Русија мора да биде повикана на одговорност и да плати за пустошот што го предизвика. И, да бидеме јасни, Украина мора да биде во самиот центар на сите мировни напори, рече тој. јт/

Фото: Кримска платформа

Остани поврзан