• понеделник, 16 септември 2024

Папас: На Грција ѝ е потребна голема прогресивна промена

Папас: На Грција ѝ е потребна голема прогресивна промена

Атина, 15 септември 2024 (МИА) – Грција ќе го промени курсот само со голема прогресивна промена, со прогресивна изборна соработка, со голема и силна мобилизација, за што предуслов е организирана и силна СИРИЗА, истакна претседателот на пратеничката група на грчката опозициска партија СИРИЗА Никос Папас на прес-конференцијата во рамките на Меѓународниот саем во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

На саемот традиционално секоја година, првиот викенд премиерот на Грција одржува говори и прес-конференција, а последниот викенд, непосредно пред затворањето е прес-конференцијата на лидерот на главната опозиција, меѓутоа поради случувањата во СИРИЗА и изгласаната недоверба за Стефанос Каселакис, опозициската партија во Солун ја претставува претседателот на пратеничката група.

Никос Папас одговараше на новинарски прашања за сите актуелни теми, истакна дека „на Грција ѝ е потребна голема прогресивна промена“, а во фокусот на прес-конференцијата беа внатрешно-политичките случувања во СИРИЗА во пресрет на изборите за нов претседател на крајот на ноември.

Откри дека тој лично нема да биде кандидат, но и посочи дека сите членови на СИРИЗА треба да се обврзат дека по изборите за лидер „сите ќе бидат дел од заедничката борба“.

Во однос на тоа дали СИРИЗА има амбиции повторно да дојде на власт, одговори потврдно, објаснувајќи дека партијата се стреми кон градење конкурентни сојузи наспроти владејачката Нова демократија и додаде дека имаат презентирано програма за иницијативите што ќе ги преземат.

Дополнително, упати критики до Владата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за низа теми.

Никос Папас беше кандидат за лидер на СИРИЗА на изборите во септември минатата година и заврши на четвртото место со 8,68 отсто од гласовите.

Откако Централниот комитет на партијата на состанокот минатиот викенд гласаше за недоверба на претседателот Стефанос Каселакис, беше одлучено опозициската партија на Меѓународниот саем во Солун да ја претставува претседателот на пратеничката група. ср/

Фото: СИРИЗА

Остани поврзан