Папаставру: Балансот во системот е клучен параметар за секоја земја
- Ако треба да извлечеме нешто од вчерашното искуство во Шпанија и Португалија, тоа е важноста на одржувањето баланс во системот, без разлика дали поради прекумерно производство и ниска потрошувачка или поради атмосферски притисок, балансот во системот е клучен параметар за секоја земја, истакна министерот за животна средина и енергија на Грција Ставрос Папаставру во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 29 април 2025 (МИА) – Ако треба да извлечеме нешто од вчерашното искуство во Шпанија и Португалија, тоа е важноста на одржувањето баланс во системот, без разлика дали поради прекумерно производство и ниска потрошувачка или поради атмосферски притисок, балансот во системот е клучен параметар за секоја земја, истакна министерот за животна средина и енергија на Грција Ставрос Папаставру во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот министер посочи дека никој во овој момент не знае што предизвикало нарушување во Шпанија и Португалија и треба да се почека анализата на експертите и „да не се потпираме на теории на заговор“, а паралелно посочи дека „ова е нова реалност каде што се гледа чувствителноста во балансот на системот“.
Дополнително објасни дека пред Велигденските празници во Грција биле преземени конкретни мерки за да се задржи балансот.
-Затоа, три седмици пред Велигден и за Велигден, направивме обиди со регулаторот и операторите да немаме никаков прекин за Велигден. Затоа многу сум среќен што успеавме да ги дочекаме велигденските денови без никаков прекин и им овозможивме на сите Грци да уживаат во празниците во услови на прекумерно производство и ниска потрошувачка, што создава неурамнотеженост, објасни Папаставру.
Во интервјуто за ЕРТ истакна и дека грчките оператори, регулаторната комисија, како и дирекцијата за сајбер безбедност, но и политичкото раководство се во состојба на готовност, во постојана комуникација и ги преземаат сите потребни мерки за да не се наруши рамнотежата на системот. ср/