• понеделник, 23 декември 2024

Панорама на македонската поезија пишувана од жени во фокусот на 35. Поетска ноќ во Велестово

Панорама на македонската поезија пишувана од жени во фокусот на 35. Поетска ноќ во Велестово

Скопје, 15 август 2023 (МИА) - Годинешното 35-то јубилејно издание на интернационалниот поетски фестивал Поетска ноќ во Велестово ќе се одржи од 18-ти до 20-ти август на повеќе локации во Велестово и во Охрид, а учество ќе земат 30-ина поети и уметници од пет земји.

Годинава, како што наведуваат организаторите, во фокусот ќе биде македонската поезија пишувана од жени и во таа насока централниот настан ќе биде промоцијата на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ во која се застапени дури 114 поетеси од повеќе етникуми, што твореле и творат на територијата на земјава.

Настанот традиционално ќе се одржи на сретсело, во Велестово, во 21 часот, а потоа ќе биде отворена и изложба на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово. Во рамки на фестивалот ќе гостуваат поети до Германија, Албанија, Србија и од Косово.

Следниот ден во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи промоција на уште една важна книга за развојот на македонската поезија, „Ново раѓање на зборот: антологија на малатата македонска поезија“, од приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“.

Во рамки на фестивалот ќе се одржи и настанот OH READ #2, во чијашто програма предвидена е работилницата за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади, што ќе се одржи во гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид, како и интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид. Проектот OH READ #2 e подржан од РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија.

Годинешниот постер на фестивалот е посветен на враќањето на европскиот елен на падините на Галичица, а дизајнот е дело на Андреј Павлов.

Фестивалот го овозможија Општина Охрид, РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија, Министерство за култура и Комерцијална банка. вг/са/

Фото: организатоторот на фестивалот

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан