• среда, 18 декември 2024

Пандов: Некои затвори функционирале нормално, а некои како „приватни затвори“

Пандов: Некои затвори функционирале нормално, а некои како „приватни затвори“

Штип, 31 август 2024 (МИА) - Има голема разлика од еден до друг затвор. Има затвори кои се од латино-американски тип, во кои само исклучително ментална силна личност би можела да издржи, изјави денеска директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов во Штип, по откривањето на споменикот на Тодор Александров. 

Одговарајќи на новинарско прашање каква е состојбата во македонските затвори по извршениот увид во нив, Пандов изјави дека некои затвори функционирале нормално, а некои како „приватни затвори“.

-А за жал браќава од 27 април, некои од нив и по две години ги држеа во притворот во Шутка. Има затвори кои, да не бидам погрешно разбран, буквално се европски затвори, коишто изгледаат супер, нормално и коишто функционираат супер, нормално. Она што јас како забелешка сум го нашол не во сите, но, во дел од раководствата во затворите се однесувале во духот на Луј 14. Тие како директори се заживувале дека се сопственици, дека се тоа приватни нивни затвори и така ги третирале затворениците, вели Пандов.

Забележува дека имало осуденици, кои затворите ги воделе дека се во нив, а не престојувале, но, како што вели Пандов, има и осуденици коишто го виделе најлошото низ затворите. Тој истакна дека ова почнува да се менува и бара не мал дел на инвестиции во затворите.

-Она најважно што е затоа што во затворскиот систем во Македонија постои затвор „Идризово“, каде што има 1.200 затвореници, а сите останати 11 затвори имаат 1.200 затвореници. За жал, во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, во минатото до 2016, 2017 година половина е направено, односно отвореното и полуотвореното одделение, таму се изградени и тие се налик, супер европски затвори. Но, она што е затворениот дел, амбуланта и притвор, а тоа се немал дел од тој затвор правиме се сега, за да ги направиме и веќе догодина да почне да се гради. Јас се надевам дека до крајот на мандатот, овој четиригодишен мандат на ВМРО-ДПМНЕ дека ние „Идризово“ ќе го имаме како супер модерен затвор, рече Пандов.

Прашан за оценка на условите во штипскиот Затвор, Пандов со одговор дека е некаде на средина.

-Тоа значи дека треба да се инвестира во штипскиот затвор. Јас сум супер задоволен од новото раководство, коешто сега е поставено таму и од директорот и од заменик-директорот. Тоа се двајца луѓе коешто се супер амбициозни и сакаат да ги променат работите во затворот. Јас како директор на Управата за извршување на санкции им давам максимална поддршка и ќе ја имаат и во идно време, изјави Пандов.

Тој најави инвестиции во штипскиот затвор за подобрување на условите на осудените лица. Прашан дали имаат преброено, колку осуденици имаат избегано од затворите во земјава, Пандов вели дека мал број имаат на осуденици, кои имаат сторено класично бегство. Но, околу 120 до 130 осуденици се водат како бегалци, бидејќи по закон им е дадено викенд отсуство, но не се вратиле во затворите, за да ја продолжат затворската казна.

-Во годините наназад зборувам, четири-пет години, кои биле пуштени на одмор или на викенд и не се вратени во затворите, вели Пандов.

Што се однесува за новиот продолжен прекин во издржување на казната на дел од осудените лица за 27 април, Пандов одговори дека тој како директор на Управата за извршување на санкции што може да го направи е ако осуденето лице донесе медицинска документација во којашто е прикажано дека има некое акутно заболување и треба веднаш да се лекува, тој  дава прекин од 30 дена.

-Меѓутоа не мал дел од нив, еве конкретниот пример, поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, јас какошто сум информиран има добиено сега прекин од три месеца. Меѓутоа, тоа е од судот, кога имаат документација, ако им следуваат прекини веројатно судовите ќе доделуваат и доделуваат во моментов, изјави Пандов. вдј/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан