• понеделник, 23 декември 2024

Пад на индустриското производство во ЕУ во ноември 2023

Пад на индустриското производство во ЕУ во ноември 2023

Брисел, 16 јануари 2024 (МИА) – Индустриското производство во ЕУ во ноември минатата година е намалено за 0,2 отсто во споредба со претходниот месец, како и за 5,8 проценти во однос на ноември 2022 година, покажуваат сезонски прилагодените податоци на Европската статистичка агенција – Евростат.  

Кога станува збор за Еврозоната, пак, ноемвриското индустриско производство е намалено за 0,3 отсто на месечно и 6,8 проценти на годишно ниво. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, гледано по сектори во рамките на ЕУ, падот на индустриското производство на трајни производи за широка потрошувачка на месечно ниво изнесувал 1,8 отсто, на капиталните производи 0,8 проценти, а на полупроизводи 0,7 отсто. Раст, пак, лани во ноември споредно со претходниот месец се бележи во производството на нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,7 проценти, како и во секторот енергија за 0,7 отсто. 

На ниво на Еврозоната, падот на индустриското производство на трајни производи за широка потрошувачка на месечно ниво бил два проценти, на капиталните производи за 0,8 отсто, додека на полупроизводи 0,6 проценти. И во зоната на еврото имало раст на индустриското производство на нетрајните производи за широка потрошувачка и тоа за 1,2 отсто, како и во енергетскиот сектор за 0,9 проценти. 

Гледано по земји, најголем пад на индустриското производство во ноември 2023 година споредено со претходниот месец имала Грција од 4,1 отсто, пред Словачка од четири и Белгија од 3,8 проценти. Од друга страна, најголем раст е регистриран во Данска од 9,1 отсто, во Словенија од 3,7 и Португалија од 3,4 проценти. 

Споредено на годишно ниво, индустриското производство во ЕУ во ноември 2023 година се намалило за 8,7 отсто во секторот капитални производи, за 8,4 кај трајните производи за широка потрошувачка, за 5,6 проценти кај полупроизводите и за 3,8 отсто кај нетрајните производи за широка потрошувачка. Раст на индустриското производство единствено се бележи во енергетскиот сектор за еден процент. 

Во рамки, пак, на Еврозоната индустриското производство лани во ноември во споредба со истиот месец претходната година е намалено за 10,3 отсто во секторот на капиталните производи, за осум проценти кај трајните производи за широка потрошувачка, за 6,9 отсто кај нетрајните производи за широка потрошувачка и за 5,2 проценти кај полупроизводите. И во Еврозоната раст на индустриското производство е регистриран само во секторот енергија и тоа за 0,8 отсто.  

Меѓу земјите членки најголем пад на индустриското производство на годишно ниво е регистриран во Ирска за 30,4 отсто, во Белгија за 11,6 и во Бугарија за 10,9 проценти. Најголем годишен раст на индустриското производство се бележи во Данска од 14,4 отсто, во Хрватска од 4,8 и во Шведска од 3,4 проценти. сп/

Фото: МИА АРхива/Евростат

  

Остани поврзан